Ова пристаниште наскоро ќе стане и енергетски центар, со изградбата на двата терминала за достава на течен гас ЛНГ. Преку оваа мрежа ќе се снабдуваат со гас
Грција, Бугарија, Србија и другите делови од Југоисточна Европа, кои моментално се зависни од испораката на руски гас

Руски и американски компании во игра за преземање на грчкото пристаниште Александрополи

Малото грчко приморско место Александрополи, последните шест месеци е „центар“ на меѓународните случувања, кои се поврзани со енергетската криза што произлезе од војната во Украина. Четири силни компании се натпреваруваат за стекнувањето концесии за работа на пристаништето, кое е оддалечено на 15 километри од турската граница. Географската положба на пристаништето овозможува пристап до природните ресурси, кои се извезуваат од Украина преку Бугарија и Романија, со што се избегнува водниот пат преку Црно Море, кое е под контрола на воени бродови на Русија и на Турција.
Од руската воена интервенција во Украина, американските вооружени сили редовно го користат Александрополи за испраќање воена опрема и возила. Количеството оружје што е доставено од САД преку ова грчко пристаниште се зголемило за 14 пати во последната година. Американските официјални лица изјавуваат дека оваа опрема е исклучиво за потребите на американските војска што е стационирана во Источна и во Северна Европа.
Шефот на логистичкиот тим на американските вооружени сили, Андре Камерон, во изјава за „Економист“ рече дека Велика Британија и Италија исто така планираат да го користат поморското пристаниште Александрополи за испорака на воена опрема.
Ова пристаниште наскоро ќе стане и енергетски центар, со изградбата на двата терминала за достава на течен гас ЛНГ. Преку оваа мрежа ќе се снабдуваат со гас Грција, Бугарија, Србија и другите делови од Југоисточна Европа, кои моментално се зависни од испораката на руски гас. Така, ова место добива стратегиско значење за регионот околу Црно Море.
– Црно Море е повторно на глобалниот дневен ред, и тоа на начин што досега не сме го виделе – изјави Илиан Василев, поранешен бугарски амбасадор во Москва.
Грција и Русија делат историски, економски и културни врски, а поврзани се и со православната вера. Анкетите покажуваат дека Грците сакаат да ги задржат економските врски со Русија. Грчката конзервативна влада беше меѓу првите што испрати воена помош за Украина, а Москва ја стави Грција на листата на непријателски земји. Постојаниот притисок од Турција и солидарноста со Киев ја приближи официјална Атина кон Вашингтон во делот на користењето на грчките пристаништа.
Грчката влада сака да го продаде мнозинскиот пакет акции на пристаништето и да го издаде на концесија на 40 години. Пристаништето во Солун е под управа на компанија раководена од руско-грчки сопственик, а пристаништето во Пиреја е во сопственост на кинеска државна компанија.
Како потенцијален инвеститор во пристаништето Александрополи се споменува поранешен пратеник во рускиот парламент. Можноста тој да биде идниот сопственик се мали, затоа што со сопственоста над пристаништето во Солун ќе го зајакне своето влијание на пазарот, пренесува „Јутарњи лист“. Фаворит за преземање на грчкото пристаниште е грчкиот конгломерат, кој е контролиран од најпознатите грчки милијардери и поранешен пратеник во грчкиот парламент. Неговата компанија е партнер со енергетскиот гигант „Газпром“. Како главни понудувачи за пристаништето Александрополи се и други две американски компании.