Во последните месеци можеа да се проследат повеќе настани во кои беа вклучени претставници на енергетските власти во Бугарија, Грција и во Србија, кои потпишуваа нови договори и спогодби за соработка на реализација на повеќе проекти во енергетиката и сообраќајната инфраструктура. При промоцијата на тие регионални проекти, особено на оние од енергетиката, Македонија беше изоставена или нејзиното име беше патем спомнувано како „латерална“ дестинација за испорака на „евентуалниот вишок на електрична енергија или на природен гас“!? Сето тоа придонесува за потикнување несигурност дека нашата земја се турка во „црна дупка на енергетски и сообраќаен простор“

Бугарија и Грција во здружена интензивна потрага по средства за енергетска независност, каде сме ние?

Воспоставувањето поблиски билатерални економски односи меѓу земјите од Југоисточна Европа стана главниот фактор на постигнување сопствена енергетска независност и за развој на сообраќајната инфраструктура. Ограничените финансиски услови ги принудија и земјите од нашето поблиско опкружување да наоѓаат различни форми на здружување во изградбата на нови капацитети, во чија реализација се вклучени повеќе меѓународни финансиски извори. Во последните месеци можеа да се проследат повеќе настани во кои беа вклучени претставници на енергетските власти во Бугарија, Грција и во Србија, кои потпишуваа нови договори и спогодби за соработка на реализација на повеќе проекти во енергетиката и сообраќајната инфраструктура. При промоцијата на тие регионални проекти, особено на оние од енергетиката, Македонија беше изоставена или нејзиното име беше спомнувано како „повремена“ дестинација за испорака на евентуалниот вишок на електрична енергија или на природен гас. Сето тоа придонесува за потикнување страв дека нашата земја би била оставена да функционира како „осамен“ сообраќаен и енергетски простор.

Финансиска помош од Европската Унија и од НАТО

На почетокот на минатата недела, министерот за одбрана Тодор Тагарев најави дека Бугарија ќе инвестира шест милијарди евра во цивилна сообраќајна инфраструктура. Проектите вклучуваат изградба на транспортен коридор 8 помеѓу албанското пристаниште Драч и Варна, најголемиот бугарски град на Црно Море. Другиот голем проект е изградба на автопат меѓу најголемото романско пристаниште Констанца и Солун, кое минува низ бугарските пристаништа Варна и Бургас. Покрај економското значење, овие транспортни врски се клучни за безбедноста на источното крило на НАТО, имајќи ги предвид плановите за распоредување бригада на НАТО во Бугарија со над 1.500 војници. Бугарската влада не ја отфрли можноста дел од парите за транспортните врски да биде обезбеден од ЕУ или од НАТО.
– Бугарската влада работи на постигнување комплексен договор со Грција, кој ќе биде од заеднички економски интерес. Откако ќе биде финализиран, ќе се користат сите можни инструменти за негово финансиско обезбедување, бидејќи станува збор за сложени, големи и повеќекомпонентни проекти – се наведува во одговорот на бугарската влада до „Еуроактив“.
Војната во Украина го направи особено значаен патниот коридор од грчкиот град Солун преку Кавала, Александрополис, Бургас и Варна до романското пристаниште Констанца. Постојат планови за проширување на коридорот до Молдавија.
Деновиве бугарскиот началник за одбрана, адмиралот Емил Ефтимов, истакна дека овие патишта се важни за брзо распоредување на силите на НАТО. Поради нивната стратегиска важност, проектите може да се реализираат за период до шест години.
Дел од овие коридори е црноморскиот автопат долг 113 километри меѓу бугарските градови Варна и Бургас, кој до почетокот на војната во Украина немаше статус на важен европски транспортен коридор, со никакви шанси да се финансира од Брисел.
За изградба на автопатот на Црно Море, во Бугарија се зборува од 1970-тите години и сè уште нема подготвени градежни документи. Од бугарската агенција за патна инфраструктура изјавија дека во април 2024 година се планира да се склучи договор за изработка на еколошка процена. Се очекува еколошката процена да биде готова во 2025 година, а изградбата на автопатот би можела да започне на крајот на 2025 година.
Другиот голем проект е проширувањето на патот меѓу романската граница и Варна, долга речиси 90 километри, а потоа и патот од идниот автопат на Црно Море до границата со Грција.

Енергетската врска Софија – Атина

Важноста на второто поврзување на електричната мрежа меѓу Грција и Бугарија беше истакната на свеченото инаугурирање на проектот месецов, за време на министерскиот состанок на групата за енергетско поврзување на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), кој се одржа во Атина. Грчкиот министер за енергетика Теодорос Скилакакис рече дека новата интерконекција претставува „најголемата номинална енергетска размена меѓу двете земји“, која сега изнесува вкупно 1,7 гигават. Ова е најголемата интерконекција со која било друга соседна земја. Во иднина се предвидува нова интерконекција од 2 гигавата на континуирана моќност меѓу Грција и Бугарија. Преку неа од Грција ќе се пренесуваат поголеми количества зелена енергија, а електричната енергија ќе доаѓа и од бугарска страна.
Комесарот за енергетика на Европската Унија, Кадри Симсон, го опиша проектот како „значајна пресвртница за диференцијација на изворите на енергија и за продлабочување на размената на пазарот на електрична енергија на ЕУ, како и оддалечувањето на Грција и Бугарија од употребата на јагленот, преку преминување и на нови извори на зелена енергија.
Минатата недела, заради подобро меѓусебното енергетско поврзување за заеднички проекти, министрите за енергетика на Грција и на Бугарија потпишаа меморандум за понатамошна соработка. Со тој документ двете земји се стремат кон: зголемување на преносниот капацитет на националните системи за електрична енергија и природен гас, како и изградба и проширување на мрежите за пренос на водород; оптимизирање на производството на обновлива енергија во поширокиот регион на Југоисточна Европа; продолжување на процесот на дигитализација на електроенергетските мрежи за управување и балансирање на системите на двете земји, како и промоција на заеднички проекти од европски и регионален интерес, за транзиција кон климатски неутрална економија.
Подобрувањето на економската соработка меѓу Бугарија и Грција во областа на енергетиката се одвива и преку реализирање проекти преку кои Бугарија добива течен гас преку грчките терминали. Претходните години меѓу двете земји беше постигнат договор за изработка на студија за оправданост за изградба на терминал за течен гас на северниот грчки брег на Егејско Море. Овој терминал треба да биде регионален проект за земјите од Југоисточна Европа. Освен Грција и Бугарија, најверојатно ќе се приклучат и Романија, Србија и Македонија. Тоа ќе ѝ даде ново значење на бугарско-грчката врска. На почетокот ќе се транспортираат катарски и алжирски гас, а по неколку години се очекува да започне испораката на течен гас од новите полиња во Медитеранот меѓу Кипар и Израел. На тој начин Бугарија ќе ги диверзифицира своите снабдувачи со гас од Романија и од Турција. Минатата година беа откриени големи резерви на природен гас на романското крајбрежје. Се претпоставува дека капацитетот на тоа наоѓалиште е од 42 до 84 милијарди кубни метри. Бугарија исто така ќе развие свој блок во Црно Море, но недалеку од границата со Турција.
Според бугарското министерство за енергетика, најважен енергетски проект за Бугарија е поврзувањето на нејзиниот гасовод со системите на Грција, Романија и Турција. Овде влегуваат и гасните интерконекции со Грција и Романија, каде што во последните две години е извршена огромна подготвителна работа и се очекува да проработат со целиот капацитет.