Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија очекува администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден да има доволно политичка волја и причина да не го претвори Балканот во уште еден фронт на антируската конфронтација.
Лавров во интервју за сараевскиот весник „Ослобоџење“ оцени дека во спротивно тоа ќе има катастрофални последици за цела Европа.
Коментирајќи ја тезата дека БиХ е „жртва на руско-американската конфронтација“, шефот на руската дипломатија посочи дека Русија не ги решава своите проблеми на сметка на ничии интереси и не ги става партнерите пред апсолутно лажен избор „или со нас или против нас“.
Лавров посочи дека ставот на Москва е добро познат – за регионалните проблеми се потребни регионални решенија засновани на инклузивен дијалог и земајќи ги предвид ставовите на сите засегнати страни. Тој додаде дека Вашингтон во последно време избегнува да разговара со Русија не само за БиХ, туку и за Балканот како целина.
Одговарајќи на прашањето кој е главниот интерес на Русија на Балканот, Лавров посочи дека тоа е мирот, безбедноста и стабилноста во тој регион.
– Нема потреба да се бара некое скриено значење во руската политика. Залудно е. Соработуваме со сите на еднаква, транспарентна основа, со взаемно почитување, на принципите на меѓународното право, пред се на Повелбата на ОН – нагласи Лавров.
Според него, митот за „штетното влијание“ на Москва бил измислен, а го промовирале, како што рече, „локалните русофоби“ со цел да се отруе атмосферата на соработка во регионот.
Ставањето на балканските држави пред вештачки избор „или Европската унија или Русија“, според Лавров е контрапродуктивно и неправедно и дека предизвикува нови линии на поделба во регионот и ја попречува соработката.
Шефот на руската дипломатија смета дека волјата на граѓаните на балканските држави често намерно се игнорира.
– Погледнете до што доведе тоа во Црна Гора, која буквално е вклучена во НАТО, спротивно на мислењето на мнозинството. Зошто да ги кршите колената и насилно да ја промовирате евроатлантската агенда – праша Лавров.
Тој додаде дека сите добро се сеќаваат што направи НАТО во регионот во 1990-тите и дека последиците од бомбардирањето со осиромашен ураниум ќе ги почувствуваат уште многу генерации локални жители.
Лавров повтори дека Србија е клучниот партнер на Русија на Балканот и дека Москва високо го цени стратешкото партнерство со Белград и дека прави напори за сеопфатно подобрување на билатералните врски.
Тој повтори дека ставот на Русија за Косово и Метохија е добро познат и дека Москва го поддржува постигнувањето на одржливо и взаемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Лавров посочи дека решението мора да го одобри Советот за безбедност, бидејќи се работи за обезбедување меѓународен мир.