Ноќта на северот на Косово помина мирно. Премините Јариње и Брњак сѐ уште се затворени и за пешаци и за возила. Сообраќајот е затворен на главните патишта, а може да се движите само по споредните патишта, јави РТС.
На барикадите ноќта поминала мирно, а пред полноќ одвреме навреме се слушале пукотници и детонации, но нема информации за повредени или ранети, јавува РТС.
Вчера во попладневните и вечерните часови Србите на северот на Косово излегоа на неколку контролни пунктови и формираа барикади поради апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ во Јариње.
И покрај континуираниот дожд цела ноќ, исто како и утрово, Србите се собраа на барикадите во Ибарска Слатина кај Сочаница и во Лешко.
Како што велат, нема да се откажат од своите намери, а утрото повторно почна да се зголемува бројот на граѓани на барикадите.
На магистралниот пат Лепосавиќ – Косовска Митровица се паркирани шлепери, автобуси и автомобили. На околу километар кон Сочаница е паркирано и возило Кфор.
Косовскиот премиер Аљбин Курти синоќа изјави дека Приштина не сака конфликт, но дека на „агресијата“ ќе одговори со сета сила што ја има.
Тој вака реагираше на изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека Србија ќе побара од КФОР да распореди свои воени и полициски сили на Косово, додавајќи дека секое неосудување на „оркестрираното насилство“ од ЕУ и САД ќе „го охрабри официјален Белград дополнително да поттикнува дестабилизација“.
Според него, Србија веќе неколку дена „му се заканува на Косово со агресија“ и повикува на враќање на српската војска на Косово (и Метохија), повикувајќи се на резолуцијата 1244 на ОН.
– Тие сакаат двојно враќање во минатото. Прво, враќање на времето на Милошевиќ и војната. Второ, прашањето за Косово (и Метохија) да се врати во ОН и што е можно подалеку од ЕУ. Косово е европска, демократска и проамериканска држава. Србија со лидерството што го има е автократска, проазиска и милитантна. Ние не сакаме конфликт, сакаме мир и напредок, но ќе одговориме на агресијата со сета моќ што ја имаме. Сега кога ниту регистарските таблички на возилата ниту датумите за избори не можат да се користат како изговор, откриени се илегалните структури на Србија претворени во криминални банди – напиша Курти на Фејсбук.
Тој додаде дека министерот за внатрешни работи на Косово, Жељаљ Свечља е во контакт со командантот на КФОР и додаде дека барикадите на „маскираните криминалци на север“ треба веднаш да се отстранат.