Околу 300 до 350 припадници на косовската полиција, вклучително и припадници на специјалните единици со долги цевки под целосна воена опрема и со оклопни возила, вчера влегле од Јужна во Северна Митровица, и се распоредиле низ градот, изјави директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Петар Петковиќ, реагирајќи на вонредна прес-конференција пред полноќ, и најави дека Србија ќе го разгледа враќањето на до 1.000 припадници на армијата и полицијата во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, јави дописиникот на МИА од Белград.
Косовските власти демантираа дека биле испратени специјални сили. „Се работи само за полицијата, не за која било друга единица“, изјавил портпаролот на косовската влада Перпарим Криезиу за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
-Тие буквално ја окупираа и блокираа цела северна Митровица и на крајот се стационираа во етнички мешаните населби. Имено, како причина за упадот на албанската полиција на север беше наведено дека Албанците кои живеат во мешаните средини наводно се исплашени поради тоа што се случува на северот на Косово и Метохија – рече Петковиќ, наведувајќи дека пред два дена на север се случило „насилството на Албин Курти и неговиот начин на пресметка со Србите“.
Според Петковиќ, целта на премиерот на Косово е „со долги цевки да се наметне одржувањето на нелегални избори“ во четири општини на северот на Косово.
Тој им порача на западните земји дека законот мора да се почитува, и дека албанската полиција од југ, според точка девет од Бриселскиот договор, нема право да биде присутна на северот на Косово.
Тој најави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во наредните денови ќе има важни средби и за се ќе ја информира јавноста.
-Сега имајќи предвид дека Курти сака да испровоцира насилство и да ги протера Србите од Косово, Белград ќе размисли за враќање на до 1.000 наши безбедносни сили на Косово според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, член 4 и член 6, анекс 2. Ние нема да дозволи нова Олуја и протерување и страдање на нашиот народ на Косово и Метохија – рече Петковиќ.
Како што додаде, оние на Запад, кои треба да ја вразумат Приштина, не го разбрале доволно она што го рекол Вучиќ, дека нема да дозволиме страдање или прогон на нашето население.
-Се надевам, рече Петковиќ, дека по оваа вечер, тие што треба да го вразумат Курти ќе разберат што значат зборовите на Вучиќ, порача Петковиќ
-Сакаме да го зачуваме нашиот народ и нема да дозволиме никој да го прогонува, убива и малтретира. Нека внимаваат оние на Запад и оние со кои разговараме од западните земји, а пред се менторите на независноста на Косово да не бидат изненадени од одлуките на Белград. Не сме ние тие што се занимававме со провокации, го прекршивме Бриселскиот договор, ниту оние кои не сакаат нормализација на односите. Сето тоа го прави Албин Курти – рече Петковиќ.
Припадник на косовската полиција е ранет во синоќешниот вооружен напад врз полициска патрола во селото Србовац, во општина Звечане, во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението на косовското МВР, полициската патрола била нападната од лица вооружени со долги пушки од возило „ауди“ со регистерски таблички КМ – Косовска Митровица, со какви што се опремуваат од Србија возилата на косовските Срби во областите во северно Косово населени со мнозинско српско население.
Како последица на нападот, се вели во соопштението, освен што е повреден еден полицаец, предизвикана е и значителна материјална штета.
– Вечерва, 8.12.2022, околу 23 часот, во селото Србовац, општина Звечане, полициска единица за време на извршувањето на редовните задачи, при патролирање, е нападната од вооружени лица со долги пушки, од возило марка Ауди, сива боја, со таблички КМ – соопшти косовската полиција.
Претходните денови имаше неколку инциденти, во кои беа употребени рачни гранати и шок-бомби, во општините во северно Косово, населени со мнозинско српско население. Цел на нападите беа општинските изборни комисии, кои ги започнаа подготовките за вонредните избори во тој регион, откако пред еден месец тамошните Срби ги напуштија локалните и државните институции поради намерата на Приштина да ги казнува оние кои не ги замениле нелегалните српски со косовски регистрерски таблички.
Косовскиот премиер, Албин Курти по завчерашните напади најави зголемено присуство на полицијата во северно Косово и го обвини претседателот на Србија, Александар Вучиќ дека ги диригира криминалните групи во таа област со цел да ја дестабилизира ситуацијата во Косово.