Министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља синоќа информираше дека при влез од Србија на граничен премин во северно Косово, е приведена руската државјанка Дарија Асламова, за која, според него, има информации дека е соработник на руските разузнавачки служби, јави дописникот на МИА од Приштина.
На својата страница на Фејсбук, Свечља тврди дека за разузнавачките и пропагандни активности на Асламова за потребите на руските тајни служби, постојат многу докази и потврди од повеќе држави, во кои веќе ѝ е забранет влезот.
Според првиот човек на косовската полиција, своите дејствија, настапувајќи како новинарка, Асламова ги врши и во моментов, а меѓу последните места каде што е забележана е Украина, каде што активно се вклучила во војната вршејќи пропаганда.
– Надлежните во Република Косово од претходно имаат сознанија за нејзиното дејствување, но и во некои држави ѝ е забранет влезот поради истата причина. Во овој случај таа е приведена и продолжува работата на соодветните служби до разобличувањето на нејзините намери – напиша Свечља.
Тој напоменува дека нејзиниот обид да влезе во Косово доаѓа по минатонеделните немири во северниот дел од земјата и по вчерашните пукотници врз припадници на косовската погранична полиција на границата со Србија, за што вели дека е одговорен српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Нагласуваме дека таа се обидува да влезе во Косово една недела по тензиите предизвикани од криминалните структури на север и истиот ден кога истите структури, кои се оркестрирани од Вучиќ, испукаа десет куршуми кон нашите полициски службеници. Нејзиниот обид да влезе во нашата земја не само што соодветствува со настаните на северот, туку ги потврдува јасно врските со руската пропаганда на која веќе ѝ се приклучи Србија и кои имаат за цел дестабилизација на нашата земја – напиша Свечља.
Објавата на својата страница на Фејсбук Свечља ја илустрира со фотографии на Асламова, меѓу кои и во друштво со руски војници, со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, како и облечена во униформа на руската војска.