Челниците на косовските институции, претседателката на државата, Вјоса Османи и премиерот Албин Курти побараа денеска Србија да одговара за злосторствата извршени во Косово во војната од 1998-1999 година и да открие каде се наоѓаат исчезнатите лица од тој период, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешното одбележување на Меѓународниот ден на исчезнатите, со одавање почести пред Обелискот на исчезнатите во косовската престолнина, Османи и Курти побараа од меѓународниот фактор да изврши притисок врз официјален Белград за да ги отвори архивите и да се расветли судбината на Албанците исчезнати во последната војна.
Претседателката Османи изјави дека Косово се однесува конструктивно во расветлувањето на судбината на сите исчезнати од војната, но дека тоа не го прави и Србија.
– Република Косово не само што покажува конструктивност, туку изнесе и конретни предлози кои придонесуваат не само во овој правец, туку и за долгорочен мир и стабилност – рече Османи, нагласувајќи дека надлежните во Приштина по прашањето на изчезнатите соработуваат тесно со САД и Европска Унија.
Според косовската претседателка, Србија извршила двојно злосторство во последната војна во Косово, првин убивајќи цивили, а потоа криејќи ги злосторставата.
Премиерот Курти ги повика и домашните надлежни правни институции да се заложат повеќе за решавање на проблемот со исчезнатите.
– Освен што треба да се отворат архивите (во Белград), и обвинителството треба да биде што поактивно, судството многу поефикасно, затоа што до вистината се доаѓа и преку правдата, преку барањето одговорност за оние кои ги убија, ги закопаа, ги ексхумираа, ги однесоа во Србија и ги погребаа таму. Потоа некои пак беа ексхумирани од оние пет (досега откриени) масовни гробници, а којзнае уште колку ги има – изјави Курти.
На денешното одбележување на Меѓународниот ден на исчезнатите во Приштина, покрај претставници на државните институции и на хуманитарни организации, присуствуваа и амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер и претставници на здруженијата на семејствата на исчезнатите.
Според последните официјални информации објавени од властите во Приштина, на српска територија досега се ексхумирани телата на 950 косовски Албанци, додека уште околу 1.600 лица сé уште се водат како исчезнати од војната.