По железничката несреќата околу 200 преживеани со пет автобуси се пренесени во Солун, а повеќето од нив во шок и плачат и ги гушкаат своите најблиски, пишуваат грчките медиуми раскажувајќи ги нивните приказни.
– Косата ми се запали, мамо, не знам како успеав да се извлечам – ѝ рекол млад човек на мајка си која го дочекала по несреќата.
– Мислев дека ќе умрам – вели младиот човек кој се возел зад предните вагони кои биле зафатени од пламен.
Уште еден млад човек имаше невидена среќа. Тој го преживеал сударот благодарение на тоа што купил билет за второто купе, но ги помешал бројките и седнал во петтиот вагон кој успеал да остане на шините по судирот. Да седел каде што требало, веројатно ќе бил мртов.
Трет преживеан во железничката несреќа во Грција раскажа дека мислел оти нема да излезе жив од вагонот кој бил зафатен од пожар.
– Го видов пламенот, вагонот беше исполнет со чад, не можев да видам ништо околу мене и наеднаш здогледав светлина од скршен прозорец. Им алармирав на другите да излезат. Не знаевме како и каде ќе застане вагонот – вели младиот човек, кој се лекува во болницата АХЕПА.
Со лузните на лицето, кои сведочат низ што поминал, шокиран од трагедијата, вели дека е чудо што останал жив.
– Пожарот избувна покрај скршеното стакло. Гореа каблите и излегуваше црн чад. Кога излегов, скокнав врз урнатините. Ги газев и сè уште беа топли од ударот. Првата слика што ја видов беше човек паднат пред мене. Не знаевме што се случи, дали возот се судри, дали удривме животно – раскажува тој.
Стергиос го изгубил мобилниот телефон за време на трагичната несреќа и откога излегол жив, вели дека барал начин како да ги извести родителите.
28-годишникот е по потекло од Волос, но работи во Солун и многу ретко патува со воз, пренесуваат грчките медиуми.