Ќе биде потешко да се реализираат проектите за изградба на нови хидроцентрали во државите во Западен Балкан поради климатските промени, отпорот на јавноста, како и поради правните и финансиските предизвици, бидејќи некои од овие проекти нема да придонесат за подобра енергетска сигурност или немаат доволен економски потенцијал, се наведува во анализата што е направена од меѓународни организации.
Во истражувањето насловено „Зошто хидроенергијата во Југоисточна Европа е ризична инвестиција“ се наведува дека во Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и во Црна Гора новите хидроенергетски потенцијали нема да ја подобрат состојбата со енергија, затоа што овие земји се презависни од надворешни извори на енергија, а во случајот со Бугарија и Косово постои мал економски потенцијал во оваа област. Албанија е целосно зависна од хидроенергијата, Црна Гора со 50 отсто, Босна и Херцеговина една третина од струјата произведува во хидроцентралите, Србија со 28 отсто, а Македонија речиси четвртина од електричната енергија ја добива од искористување на хидропотенцијалот во земјата.
Иако некои држави од регионот тврдат дека имаат огромен неискористен потенцијал, авторите на оваа студија нагласуваат дека некои тврдења се засноваат на процени што се стари по неколку децении, односно кога приливот на вода бил поголем и кога имало помалку отпор кај населението за изградба на вакви капацитети, поради нивното влијание на околината.

Во анализата се препорачуваат нискоризични инвестиции, кои можат да им овозможат на земјите да преминат на зелен и општествено-економски одржлив енергетски систем. Наедно се заклучува дека регионот располага со неискористен потенцијал на сонце и ветар.
– Ова исто така мора да биде направено внимателно, бидејќи ветерните паркови и соларните фарми поставени на погрешно место можат да нанесат штета. Приоритет треба да се даде на изградба на вакви системи на површини како што се покриви, паркинзи, индустриски зони и неземјоделско земјиште. Сите земји од регионот можат да ги користат топлинските пумпи и системи за складирање енергија, како и за геотермална енергија и за спроведување проекти од обновлива енергија во домаќинствата и во локалните заедници, пренесува „Ал џезира“.