Завршувањето на предизборната кампања во Србија неделава беше одбележано со пораката на српскиот претседател Александар Вучиќ дека доколку загуби владејачката Српска напредна партија (СНС), за која тој отворено лобира од самиот почеток, тој ќе се повлече од местото шеф на државата затоа што не сака да ја дели власта со опозицијата, пренесоа српските медиуми.
Предвремените парламентарни избори, веќе вообичаени за повеќе од една деценија владеење на СНС, се најавени за 17 декември.
Вучиќ од самиот почеток на кампањата отворено ја промовираше листата на Српската напредна партија наречена „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“, на која и го „позајми“ името за изборите, откако формално се повлече од челото на СНС во мај.
– Доколку листата на СНС ги загуби парламентарните избори, ќе се распишат претседателски избори следната година, кога тоа ќе го посака новата влада, во мај или септември – рече Вучиќ.
Тој рече дека нема да „учествува во власта без легитимитет“, потсетувајќи дека вториот претседателски мандат го добил со околу 2,3 милиони гласови.
– Ако народот сака промена на власта, за точно шест дена ќе бидам првиот што ќе и честитам на опозицијата и ќе кажам: „Не сакам да владеам заедно со вас – рече Вучиќ, обвинувајќи ја опозицијата дека не и посакува добро на Србија.
– Знам дека ќе ја срушите државата, знам какви капацитети, знам какви соништа имате, а што немате – додаде тој.
Овој став го додаде на претходните пораки во кампањата дека опозицијата нема друг план и програма „освен да го урне Вучиќ“.
Остануваат уште пет дена до гласањето, а досегашните испитувања на јавното мислење покажуваат дека СНС има предност, но недоволна за „апсолутниот поединечна победа“, која Вучиќ ја бара од поддржувачите во речиси сите секојдневни предизборни средби.