Бугарско оружје во вредност од повеќе милијарди долари влегло во Украина преку други земји во изминатите две години. Украина и Бугарија немале меѓусебен директен договор за тоа, но сепак биле пронајдени начини бугарско оружје и муниција да бидат продавани во Украина, покажа истражувањето спроведено од „Еурактив Бугарија“
Новинарско истражување
Од почетокот на конфликтот во Украина, тогашната вицепремиерка и министерка за економија на Бугарија, Корнелија Нинова, во повеќе наврати повторуваше дека нема да дозволи извоз на бугарско оружје во Украина. Своето прво ветување по таа основа, тогашната вицепремиерка и министерка за економија на Бугарија, Корнелија Нинова, го даде во телевизиско интервју само четири дена по почетокот на воениот судир во Украина. Но прашањето за снабдување оружје сега стана клучно за продлабочување на раздорот меѓу русофилските и прозападните партии во Бугарија, особено откога во јавноста излегоа низа сведочења за „трансфер на оружје од Бугарија за Украина, но не директно, туку индиректно, преку Романија и Полска“.
„Еурактив“: Само минатата година Бугарија индиректно извезла оружје во Украина од најмалку една милијарда долари
Имено, иако навистина не се случила директна трговија со оружје, сега е прецизно опишано дека „индиректна продажба од Бугарија за Украина“, првпат обелоденета од медиумите во октомври 2022 година, „се одвивала уште пред да започне конфликтот“.
„За периодот од 24 февруари 2022 до 19 јануари 2023 година не се пристигнати барања за надворешнотрговска трансакција со украински компании и државни институции на разгледување од Комисијата за контрола на извозот и, соодветно на тоа, не се издадени дозволи за извоз за овој период“, се вели во одговорот до „Еурактив“ од Министерството за економија, на барањето според Законот за пристап до информации од јавен карактер.
Дури и пред војната, од почетокот на 2021 година до 24 февруари 2022 година, Украина не склучила директни зделки со бугарските компании за оружје, кои се главни извозници на оружје и муниција произведени според советските стандарди за украинската армија.
Меѓутоа, само минатата година Бугарија индиректно извезла оружје во Украина од најмалку една милијарда долари, коментираат изворите на кои се повикува порталот.
Додека Нинова, лидерка на проруските социјалисти во Бугарија, повторува дека нема да дозволи извоз на бугарско оружје во украинската армија, бугарската индустрија за оружје има рекордна продажба во странство, главно во Полска и Романија, од каде што потоа оружјето се испраќа во Украина. Големите државни фабрики за оружје, како што се оние во Сопот, Карлово и Казанлак, каде што се наоѓаат погоните, и луѓето што работат таму, пријавија 100 проценти пораст на продажбата.
Александар Михаилов, поранешен извршен директор на државната компанија „Кинтекс“, преку која минува извозот на оружје во земјата, го потврди рекордниот бугарски извоз годинава.
– Кога има меѓународен оружен конфликт, секогаш има зголемување на употребата на производи поврзани со одбраната – изјави Михаилов минатата година, додавајќи дека дозволите за извоз на оружје издадени од државата во овој период се собраа на вкупно 1,1 – 1,3 милијарда евра.
Во меѓувреме, на крајот на април 2022 година, Нинова изјави дека ако Националното собрание одлучи Бугарија да ѝ обезбеди оружје на Украина, таа нема да ѝ го даде потребниот печат за одобрување.
– Ако парламентот донесе таква одлука, јас нема да потпишам таков документ. Ако сакаат, нека ме заменат, нема да го потпишам тој документ! Но јас ги земам предвид бугарскиот интерес и повеќето граѓани, кои јасно велат да не се извезува оружје – рече Нинова во интервју за БНТ на крајот на април 2022 година.
Откако таа и нејзиниот кабинет беа соборени во јули 2022 година, бугарскиот парламент на крајот на минатата година со големо мнозинство одлучи да обезбеди воена помош за Украина од магацините на бугарската армија.
Претседателот Румен Радев, кој беше категорично против оваа одлука, не ја спречи, при што за тоа донесе и указ. Бугарија испрати воена помош, но потоа Радев објави дека нема да има втора испорака на оружје.
Германски „Ди велт“ исто така потврди дека Бугарија започнала тајна процедура за испраќање голема воена помош на Украина
Во телевизиско интервју на 25 јануари, поранешниот извршен директор на најзначајната државна воена фабрика во Сопот, Иван Иванов, објасни дека Бугарија не извезува оружје и муниција во Украина.
Бугарија тргува со над 60 земји, главно преку компании со лиценци и одобрение од Комисијата како краен корисник. Иванов, пак, нагласи дека со работата во комбинатот се уверил дека бизнисот со оружје сака тишина.
– Затоа, јас сум длабоко изненаден што сегашниот привремен министер за економија (Никола Стојанов) постојано го поставува ова прашање за оружјето. Тој треба да знае дека постојаното зборување за воено-индустрискиот комплекс ѝ штети на Бугарија, му штети на овој сектор од бугарската економија – нагласи Иванов.
Темата стана особено актуелна во Бугарија по објавувањето на написот на германскиот весник „Ди велт“, во кој се наведува дека владата, под водство на поранешниот премиер Кирил Петков и министерот за финансии Асен Василев, започнала тајна процедура за испраќање голема воена помош на Украина, вклучувајќи и муниција и оружје – преку други патишта, за да се избегнат официјалните испораки на оружје.
„Триаголен пристап“ што е финансиски исклучително корисен за Бугарија
– Бугарските компании за оружје не им продаваат оружје и муниција директно на украински компании, бидејќи постои практика тоа да се случува преку странски програми – изјави Велизар Шаламанов, поранешен вршител на должноста министер за одбрана и поранешен претседател на Надзорниот одбор на Агенцијата за комуникации и информации на НАТО, а сега директор во Атлантскиот клуб.
– Постои програма со добро финансирање во Велика Британија, САД и Полска. Преку оваа програма се купува вооружувањето потребно за Украина, односно парите не се украински туку британски, американски, полски или европски. Затоа се купува преку други фирми. Дополнително, важна е логистиката, а како што знаеме сите, главно се организира преку Полска и е одговорност на оние компании што купуваат од бугарскиот пазар – објасни Шаламанов.
Според него, постојат и други логички фактори за бугарските компании да не ѝ продаваат директно на Украина, иако Нинова велеше дека „ниту еден бугарски куршум нема да оди во Украина“ во текот на нејзиното време како министерка за економија, што веројатно ги спречи бугарските компании да го сторат тоа.
Сепак, сите овие фактори доведоа до еден вид „триаголен пристап“, кој е исклучително корисен за Бугарија, и финансиски и за имиџот, но и за Украина, како што додаде Шаламанов.
– Тоа е тоа, сите страни си го добиваат својот дел – објасни тој.
Шаламанов неодамна се залагаше Бугарија да ги предаде сите свои тенкови и оклопни возила од советската ера и да ги замени со модерна опрема од нејзините сојузници, што ќе го забрза нејзиното повторно вооружување.
Ова се однесува и на тенковите „Т-72“ и на авионите „су-25“ и „миг-29“. Шаламанов како добри примери ги посочи Чешка и Полска, кои веќе го направиле тоа.
Но оваа практика на индиректен извоз не беше ограничена само на периодот на војната. Бугарија е еден од главните производители на оружје и муниција според советски стандард што ги користи украинската армија.
Во јавноста, серијата саботажи врз бугарските фабрики за оружје по анексијата на Крим и обидот за убиство на бизнисмен со оружје, за што бугарското обвинителство ги сомничи руските тајни служби, претставуваат еден од главните индикатори дека Бугарија извезла значително количество оружје во Украина дури пред војната. Со оваа констатација, порталот „Еурактив“ го заклучува своето истражување.
Подготвил: Mарјан Велевски