Хрватска се соочува со висока инфлација и раст на цените
Стопанските субјекти и домаќинствата се изложени на високи трошоци за струја и за гас, кои се повисоки за 300 отсто во споредба со претходната година. Поради ова, хрватските хотели и угостители се принудени да ги покачуваат цените пред главната туристичка сезона, за да ги спречат загубите во тековното работење
Бранот на поскапувања во Хрватска тешко се одразува на стандардот на домаќинствата, кои две третини од месечниот буџет трошат на храна и на режиски трошоци. Хрватска, која е членка на Европската Унија, се соочува со висока инфлација, која, реално, е повисока од официјалните податоци, предупредуваат економските експерти.
Европската инвестициска банка соопшти дека хрватските компании се меѓу најзагрозените поради војната во Украина, а на многу од нив им се закануваат банкрот и стечај. Стопанските субјекти се најмногу изложени на високите трошоци за струја и за гас, кои се повисоки за 300 отсто во споредба со претходната година. Поради тоа, хрватските хотели и угостители се принудени да ги покачуваат цените пред главната туристичка сезона, за да ги спречат загубите во тековното работење.
Поради високите угостителски услуги на хрватското приморје, годинава домашните туристички места стануваат недостапни за хрватските граѓани. На пазарите, килограм овошје се продава за десет евра и повеќе. Сместувањето во хотелите и приватните апартмани е поскапо од десет до 50 отсто во споредба со лани.
Бизнисменот Дамир Ванделиќ е песимист во однос на очекувањата за следниот период и тврди дека во Хрватска наскоро ќе има милион сиромашни, во пресрет на најавеното воведување на еврото како платежна единица во земјата. Прогнозите се дека просечниот хрватски граѓанин не ќе може да го издржи и новиот ценовен шок што ќе биде предизвикан со воведувањето на еврото. Економскиот експерт Хрвоје Сердарушиќ предупредува дека покрај двоцифрената инфлација, проблем претставува и високиот државен долг.
Наспроти економската криза, хрватската економија се соочува и со голем недостиг од работници, а годинава се одобрени рекордни сто илјади работни дозволи за сезонски работници, за да ги пополнат испразнетите места во градежништвото и туристичкиот сектор. Бранот на иселување во Хрватска продолжува со несмалена динамика.