фото: Пексел

Албанија

Албанија ќе отвори тендер за изградба на ново товарно пристаниште во јадранскиот град Драч, во првиот квартал на 2024 година. Проектот е обемен и ќе чини 43 милијарди леки односно 450 милиони долари, колку што албанската влада одвои во буџетот за 2024 година за изградба на новото пристаниште во Драч. Планирани се околу 26 милијарди леки за финансирање на трошоците за изградба во 2025 и 2026 година, кога проектот треба да заврши.
Првата фаза од проектот доби градежна дозвола по успешното завршување на деталниот проект на новиот објект. Албанската влада соопшти дека дизајнот бил изведен од конзорциум составен од холандската инженерска фирма „Ројал хасконинг ДХВ“ и албанската консултантска фирма „Абкон“.
Новото пристаниште ќе биде изградено во областа Порто Романо во северозападниот дел на Драч. Постојното пристаниште во јужната област на градот ќе прерасне во нов станбен и поморски проект од две милијарди евра од страна на инвеститорот за недвижности „Емаар“ со седиште во Обединетите Арапски Емирати.
Новото пристаниште во Порто Романо ќе биде поврзано со соодветно „суво пристаниште“ во главниот град на Косово, Приштина, преку железница. Исто така се планира да биде поврзано и со „суво пристаниште“ лоцирано кај нас, во Македонија, односно близу Струга. Овој објект лоциран во внатрешните делови на земјата е опремен за ракување, складирање и преработка на увозен и извозен товар.