Турција

Зголемената инфлација и високите цени на струјата значително ја топат поддршката за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, дури и кај претходните гласачи. Според „Фајненшл тајмс“, стапката на инфлација, која минатиот месец достигна 49 отсто, сѐ повеќе го намалува стандардот на турските граѓани.
Јас сум неодлучна, како и повеќето луѓе – рекла шивачка што се претставила како Мелике, бидејќи не сака да го открие вистинското име, затоа што нејзиниот сопруг работи во државна служба.
Таа има мал кројачки бизнис во Анкара, а сметките за струја се двојно зголемени, од 200 на 500 турски лири (35 долари).
Главна причина е економијата. Кога дојде на власт, владејачката партија правеше чуда. Но сега почнаа проблемите – вели Мелеке.
Претседателот Ердоган следното лето го очекуваат избори, а по две децении на власт се соочува со првиот сериозен гнев кај гласачите поради скокот на цената на енергијата, храната и другите основни потреби.
Трошоците за живот скокнаа откако турскиот лидер, долгогодишен противник на високите каматни стапки, ѝ нареди на централната банка да ги намали трошоците за задолжување минатата година, и покрај зголемената инфлација. Тој потег доведе до тонење на вредноста на лирата, која ослабе за 44 отсто во однос на доларот. Поради падот на вредноста на валутата, од една страна, и скокот на цените на светските берзи, од друга страна, сметките за струја за Турците во јануари се повисоки меѓу 50 и 125 отсто.
Јавниот бес најпрво избувна на социјалните мрежи, каде што корисниците објавуваа фотографии од сметките за струја. Тогаш малите трговци и занаетчии почнаа да лепат сметки на излозите, а потоа незадоволството се прелеа на протести во неколку турски градови.
Кемал Киличдароглу, лидер на најголемата турска опозициска партија, најави дека нема да ја плати сметката за струја во знак на протест поради зголемените цени. Џем Јилмаз, познат турски комичар, изјави дека тој што не се жали на поскапувањето е „или лудак или крадец“.