Фото: Игор Бансколиев / Архива

Oд вчера до денес – се променија ли цените на основните прехранбени продукти

Веќе четврти ден трае зголемената потрошувачка на основните прехрамбени продукти во маркетите, иако утрово, прв ден од укинувањето на мерката за замрзнување на цените и воведување на ограничени маржи на основните прехранбени производи, нема нивно драстично поскапување.

Во одредени маркети има сѐ уште празни рафтови, но нема голем недостиг на производи. Најмногу се празнат рафтовите на кои стојат масло за јадење, брашно и тестенини.

Екипа на „Нова Македонија“ денеска направи обиколка во неколку маркети, при што разговараше со купувачите и со продавачите.

Фото: Приватна архива

Ограничено купувањето на најмногу 5 килограми или 5 литри

Вработена во еден од маркетите вели дека поради напливот на муштерии, како што ги нарекуваат „складирачи“, го ограничиле купувањето на основните прехрамбени производи на максимум пет килограми, односно литри.

– Не знам што се случува со луѓево, викендов, еве и денес купуваат брашно, масло, сол, шеќер, како божем утре ќе нема, или не знам, цената ќе се дуплира. Не знам какви им се математиките на луѓето, дали стравуваат од покачување на цената или од војна меѓу Украина и Русија – изјави таа.

Фото: Приватна архива

Благоја Б. е пензионер од Скопје, кој редовно пазари за дома. Со сопругата дома се договориле да не прават залихи.

– Што биде, нека биде. Денеска кај основните прехранбени продукти нема некои големи покачувања на цените во продавниците во кои пазарам. Јас сум пензионер, имам време да шетам и да барам пониски цени. Така, белиот леб го наоѓам за 23 до 32 денари денари, шеќерот може да се најде за 40 денари за 900 грама, колку што одамна го пакуваат повеќето. Брашното од пет килограми тип 400 е 135 денари. Сончогледовото масло за јадење најниско е околу 95 денари, трајното млеко, зависно од масленоста и производителот може да се купи од 38 до 40 денари, килограм кравјо сирење е 235 денари, а овчо наоѓам за 255 денари. Килограм ориз е 53 денари. Овие цени се меѓу најниските во Скопје и на основни продукти. Има зголемувања на други цени. На пример, прашокот за перење е прилично поскапен, поскапени се одредени пецива, како бурекот и баничките, поскапени се многу хигиенски средства, а да не зборувам за услуги. И логично е дека ќе е така – вели пензионерот Благоја.

Поскапе животот

Тоа што основните прехранбени продукти не се поскапени од вчера до денес, смета тој, не значи дека не е поскапен животот.

– Поскапе струјата, автоматски и затоплувањето. Не живееме само со основни прехранбени производи, луѓето имаат и други потреби. Вчера на бензинските имаше редици за луѓето да наполнат гориво, оти на полноќ се зголеми цената – додава Благоја.

Баба Нада утрово тргнала по брашно и шеќер, но во најблискиот маркет каде што пазари наишла само на празни рафтови.

– Децата ми кажаа дека вчера сите пазареле и дека денеска може да бидат поскапени производите. Веројатно задоцнив и ништо не најдов. Ќе морам со количка да одам до другиот маркет. Се надевам дека ќе најдам брашно, тоа ми е најбитно, оти месам леб. На нас повозрасните не ни е непознато немање, или правење залихи дома, за младите ќе е тешко ако се случи тоа. Се надеваме дека нема – вели пензионерката Нада.

Фото: Приватна архива

Од Министерството за економија посочија дека тие не се надлежни да вршат увид дали и колку се поскапени цените во маркетите, туку дека тоа го прави Државниот пазарен инспекторат. Од Државниот пазарен инспекторат, пак, денеска изјавија дека инспекторите се на терен и ја контролираат трговската маржа во трговија на големо и во трговија на мало. За резултатите од контролите ќе информираат дополнително.

Фото: Приватна архива

Пред истекот на рокот на замрзнување на цените на одредени продукти, Владата излезе со нова мерка, која ќе важи од денеска до крајот на мај. Тоа е одлуката за највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало. Со оваа одлука се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, додека кај трговијата на мало највисоката маржа треба да изнесува до 10 отсто.

Оваа одлука се однесува на лебот, шеќерот, солта, брашното тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8; 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомесните производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.

Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека намерата е да нема зголемување на цените на производите и оти очекува во одредени синџири на супермаркети да има намалување на цените на основните производи.

– Во делот на маржите за основните прехранбени производи мислам дека нефер практики се одредени чинители на синџирот на трговија во државата да добијат маржи над 30, па до 50 отсто, особено нефер е во време на пандемија и во време на вакви кризни состојби – објасни Бектеши и дополни дека слични решенија се применуваат во држави-членки на ЕУ. Е.Н.М.