Според граѓаните на Косово, постојат неколку вида страв во секојдневието. Првиот е стравот за безбедноста, вториот е стравот за здравјето, бидејќи полека почнува да ги снемува лековите. Аптеките понекогаш се отворени, а понекогаш не се, продавниците понекогаш се отворени, а понекогаш не се. Сѐ уште има храна, но евидентно е намалувањето на количеството, а и станува сѐ поскапа
Косово
Ситуацијата на северот на Косово и натаму е затегната, а во моментов најсериозна е ситуацијата со недостиг од лекови, храна и пари во банкоматите. И онака сложената ситуација дополнително се искомплицира по 10 декември, кога локалните Срби ги блокираа патиштата поради апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ. Главните сообраќајни патишта на север, кои локалното население ги користи за снабдување и движење, се блокирани со тешка механизација, а поради влошување на безбедносната состојба косовската полиција затвори два гранични премини во тој регион – Јариње и Брњак.
Со овие зборови Дејан Недељковиќ, публицист од Звечан, ја опишува актуелната состојба на северот на Косово за Радио Слободна Европа.
– Сѐ е затворено. Во продавниците има сѐ помалку храна. Од друга страна, нема пари на сметките во српските банки, нема пари во банкоматите неколку дена. Парите не стигнуваат, бидејќи не е дозволено да пристигнуваат преку алтернативни маршрути и е забрането да се оди преку граничните премини. Сето тоа го отежнува животот – вели Недељковиќ.
Сличен опис на ситуацијата дава и Верољуб Петрониќ од невладината организација „Хуман центар“ од Митровица, која се занимава со безбедносни прашања. Тој посочува дека стравот е најлошото нешто со кое се соочуваат жителите на северот бидејќи „ситуацијата може да ескалира во оружени конфликти“.
– Постојат неколку вида страв. Првиот е стравот за безбедноста, вториот е стравот за здравјето, бидејќи полека почнува да ги снемува лековите. Аптеките понекогаш се отворени, а понекогаш не се, продавниците понекогаш се отворени, а понекогаш не се. Сѐ уште има храна, но евидентно е намалувањето на количеството, а и станува сѐ поскапа. Некои трговци ги затвораат и продавниците, локалите се затворени, некои од страв, а некои по нарачка – вели Петрониќ.
Кризата ескалира по поставувањето на барикадите
Александар Јаблановиќ, лидер на Партијата на косовските Срби, заклучува дека моменталната состојба на северот настанала како резултат на барикадите, поради кои жителите на Северна Митровица, Звечани, Зубин Поток и на Лепосавиќ не можат слободно да се движат. Тој смета и дека за новонастанатата ситуација е одговорна Српската листа, партија што ја има поддршката од Белград. Според него, функционери на таа партија уценуваат луѓе да излезат на барикади.
Српската листа јавно ги поддржа барикадите на север, а функционери од таа партија физички се присутни на местата каде што се блокирани патиштата. Инаку, на барикадите најмногу може да се видат оние што работат во српските институции во Косово.
– Затоа има групи на Вибер, се јавуваат, има притисоци од директори, од разни дирекции, велат треба да дојдете (на барикадите), ако не дојдете треба да се оправдате, ако не дојдете и не се оправдате ќе имате последици и луѓето се плашат затоа што нема правосуден систем што може да ве заштити. Затоа што Српската листа е таква политичка организација каде што законите не важат – изјави Јаблановиќ за РСЕ.
Тој додава дека, според информациите со кои располага, некои припадници на српската заедница на Косово одбиваат да излезат на барикадите. Истото го потврдува и Дејан Недељковиќ.
– Колку што слушнав од пријателите што се горе на барикадите во Зубин Поток, голем број луѓе што работат во образованието и здравството одбиваат да одат на барикадите, бидејќи генерално веќе никој не ја гледа целта – вели Недељковиќ.
Според неговата процена, граѓаните на северот најмногу се плашат дека косовската специјална единица би можела да интервенира во отстранувањето на барикадите, што, како што додава, би довело до ескалација на ситуацијата.
Верољуб Петрониќ, пак, забележува дека за тензиите е виновен наративот што доаѓа од политичарите во Приштина и во Белград, како и дезинформациите што доведоа до целосна неизвесност.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечља, деновиве на својот фејсбук-профил напиша дека институциите на Република Косово ги имаат сите капацитети да ги отстранат барикадите и оти во координација со меѓународните партнери се проценува ситуацијата за соодветен одговор.
Властите во Србија наведуваат дека Владата на Косово на чело со премиерот Аљбин Курти планира да ги „прогони“ Србите. За ваквите тврдења не беа обезбедени докази, а Владата на Косово категорично ги отфрли.
Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за РСЕ на 13 декември рече дека барикадите треба да ги отстранат оние што ги поставиле.
А пред поставувањето на барикадите?
Косовската полиција на 10 декември го уапси поранешниот полицаец Дејан Пантиќ под обвинение за учество во напад врз членови на општинската изборна комисија, кои се обидувале да организираат предвремени избори за градоначалник. Тој напад беше окарактеризиран како „тероризам“. Локалните Срби одговорија со подигање барикади.
Во меѓувреме, изборите, кои беа закажани за 18 декември, беа одложени за април 2023 година.
Претходно, на почетокот на ноември, градоначалниците во општините на северот поднесоа оставки за да се спротивстават на одлуките на Владата на Косово за пререгистрација на возилата од српски таблички на косовски. Тогаш припадниците на српската заедница ги напуштија косовската полиција и судството на север.
Меѓународната заедница, вклучувајќи ги и ЕУ и САД, бара решение што ќе ја стабилизира ситуацијата.
Подготвил: Mарјан Велевски