Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани, во обраќањето на Дипломатската академија во Будимпешта, каде зборуваше за перспективата на Албанија и за иднината на Западен Балкан, оцени дека „губењето на Западен Балкан не е опција за Европската унија, бидејќи тоа сериозно ќе го наруши нејзиниот кредибилитет”.
Тој изјави дека денес регионот се наоѓа во особено непредвидлив момент и оти, според него, интеграцијата во ЕУ е единствената гаранција за мирен, безбеден и просперитетен Западен Балкан.
– Улогата на Албанија во промовирањето на регионалната соработка преку Берлинскиот процес, нејзиниот ангажман со „историските непријатели“, дури и со ризик од политичка цена во земјата и меѓу Албанците во регионот, е нашироко позната и ја докажува нашата посветеност на идејата за промовирање соработка и добрососедски односи – ја пренуваат албанските медиуми неговата изјава.
Албанскиот прв дипломат, исто така, ја подвлече важноста од усвојување одржлив стратешки пристап на ЕУ кон Западен Балкан и неговата интеграција.
– Сметаме дека регионалната интеграција е клучен фактор за нашата иднина. Тоа е од суштинско значење за мирот, стабилноста и просперитетот на регионот и е од клучно значење за интеграцијата во ЕУ. Има пад на поддршката за процесот на интеграција во ЕУ и пад на довербата во ЕУ. Дијалогот Косово-Србија мора да продолжи напред и итно да се реши ситуацијата во Босна и Херцеговина. Решението на овие две состојби несомнено ќе отстрани две важни пречки на патот на регионалната интеграција и соработка – изјави тој.
Хасани е во официјална посета на Унгарија, по што ќе отпатува за Шпанија.