Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), поранешниот премиер, Рамуш Харадинај вели дека актуелниот косовски премиер, Албин Курти е „најсмешниот и најштетниот политичар во поновата историја на Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на неговата страница на Фејсбук, Харадинај напиша дека Курти изградил „кула од карти, која ќе се урне на истиот начин како што е изградена“.
-Албин Курти изгради кула од карти! Безбројните скандали на министрите и најблиските соработници на Албин Курти; курсот на наводен „тврд политичар“ на самиот Албин и неговото повлекување од сè што ветил во животот, го прават него најсмешниот и најштетниот политичар во поновата историја на Косово. Сè што има направено Курти во неговиот политички живот е тоа дека има изградено кула од карти, која ќе се урне на истиот начин како што е изградена – напиша Харадинај.
Реакцијата на поранешниот премиер уследи по изјавата на шефицата на косовската дипломатија и вицепремиерка, Доника Грвала, дадена на безбедносната конференција во Дубровник, дека „Европската унија, без САД и НАТО, е само еден тигар од хартија“ и по објавувањето на снимките на разговорите на Мимоза Кусари-Лила, шефица на пратеничката група на партијата на Курти, Движење самоопределување, со лидерот на партијата Српска листа, Славко Симиќ. Во разговорот со Симиќ, Кусари-Лила потврдува дека за политички прашања контактирала со Милан Ракиќ, политичар од редовите на косовските Срби за кого се покренати кривични пријави за разни злоупотреби и кој, според приштинските медиуми, се сомничи за вмешаност во убиството на политичарот Оливер Ивановиќ.