Иницијатива против нелегалната приватизација на брегот во Грција
Граѓани на Родос и Парос формираа динамична иницијатива против нелегалната приватизација на плажите во Грција, наречена „Движење пешкир“, објави весникот „Катимерини“. Според нив, ваквата иницијатива има цел да ги направи повторно достапни за секого грчките плажи и е против постоење чувари на плажите, немање слободен простор и премногу скапи лежалки, кои достигнуваат и до 120 евра.
Движењето започна на Парос, каде што новата обвинителка на Врховниот суд, Џорџија Аделини, веќе им нареди на локалните власти строго да го следат законот.
– Би сакал да ја подигнам вашата свест за горливото прашање за непречен и слободен пристап до плажите и крајбрежјата. Уште во мај 1940 година беше објавен закон со кој беше дадена првата правна дефиниција за брегот и дефинирано во членот 1 дека брегот се дефинира со брановите на морето што го облеваат, што е заедничка сопственост и како таква ѝ припаѓа на држава што управува со него – се наведува во меморандумот на Обвинителството.
Зад „Движењето пешкир“ стои „Движењето на граѓаните на Парос за бесплатни плажи“, а нив ги обединува грижата за намалување на јавниот простор и нивно отстранување од плажите на сопствената земја.
– Загрижени сме за беззаконието и непристојноста на плажите од компании што експлоатираат делови од плажите и произволно го зафаќаат заедничкиот простор со лежалки и чадори, далеку над границите предвидени во договорите за концесија што ги потпишаа. Го браниме правото на граѓаните и посетителите на нашиот остров да имаат слободен пристап до плажите што ги сакаме. Грчкото лето е дел од нашата душа, дел од нашиот идентитет, да не дозволиме некој да ни го одземе – наведува ова движење на социјалните мрежи.
Министерот за национална економија и финансии на Грција, Костис Хаѕидакис, издал наредба за интензивирање на инспекциите на плажите, или по службена должност или по претставки од граѓаните, за да се обезбеди почитување на одредбите предвидени со договорите за концесија и за прекршителите да се воведат пропишаните санкции.
Според надлежното министерство, за време на инспекциите спроведени од 21 до 24 јули на островот Парос, по поднесените претставки од граѓаните за две плажи, биле констатирани значителни прекршоци и веднаш биле издадени протоколи за отстранување на три бизниси од конкретните плажи.