Со 176 гласа „за“ од пратениците на владејачката Нова демократија и опозициските СИРИЗА, ПАСОК, Нова левица и Курс на слобода, грчкиот Парламент кратко пред полноќ го изгласа законот за истополовите бракови.
Грција станува 16-та земја во ЕУ, 37-ма во светот, но и прва православна земја што ги легализира истополовите бракови.
Од вкупно 300 пратеници колку што брои Парламентот, гласаа 254, од кои 76 беа „против“, двајца „воздржани“, а останатите го поддржаа законот.
Меѓу оние кои гласаа против, освен пратеничките групи на Грчко решение, Комунистичката партија, Спартанци и Победа, имаше пратеници и од другите партии меѓу кои и од Нова демократија, а ист беше случајот и со оние 46 пратеници кои решија да отсуствуваат.
Веднаш по соопштувањето на резултатите, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку Х истакна дека „Грција е горда што стана 16-та земја од ЕУ која ја легализираше брачната еднаквост“, но и дека тоа ја отсликува денешната Грција: „прогресивна и демократска земја, посветена на европските вредности“.
Вчера попладне додека во тек беше расправата во Парламентот и во пресрет на гласањето, во Атина се одржаа одвоени собири „за“ и „против“ законот за истополови бракови.