Црна Гора
Дојави за бомби вчера се испратени на имејл-адресите на десетици директори на основни училишта во Црна Гора. Откако учениците и наставниците се засолнети на безбедно, почната е потрага по експлозивен материјал во училиштата, информираа вчера од црногорското министерство за просвета, наука, култура и спорт.
Управите и наставниот кадар на училиштата во кои полицијата презема активности соработуваат со полицијата и ги известија родителите. Потребно е родителите да останат во комуникација со наставниот кадар и управите на училиштата заради продолжување на наставниот процес по завршувањето на полициските активности – соопшти Управата на полицијата на Црна Гора.
Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, ги повика надлежните институции итно да ги расветлат заканите и да ги пронајдат налогодавците, организаторите и извршителите. Тој на Твитер го поврза овој настан со претстојниот избор на новата влада, кој е закажан за денеска. Закани за наводно поставени експлозивни направи утрово, покрај во училиштата, пристигнале и на адреса на неколку црногорски општини и институции.
Последна од низата закани за поставена експлозивна направа пристигна и на адреса на црногорскиот претседател Ѓукановиќ. Како што јавуваат медиумите, вчера претпладне сите луѓе биле евакуирани од зградата на претседателот на Црна Гора во центарот на Подгорица поради дојавата за поставена бомба.
Министерството за образование, наука, култура и спорт донесе одлука да ја прекине наставата во сите училишта во Црна Гора поради заканувачки анонимни пораки, кои се појавија на голем број официјални училишни мејлови.
Бомби биле пријавени во образовните институции во Бар, Херцег Нови, Никшиќ, Бијело Поље, Цетиње, Плав, Гусиње, Петровац, Колашин, Мојковац и други места во Црна Гора.