Прекршочните судови во Црна Гора во изминатите три години казниле 94 родители затоа што не ги вакцинирале децата, а најголемата казна изнесувала 800 евра. Според податоците на судовите, од 2020 година до сега биле поднесени 547 предлози за поведување прекршочна постапка против родители кои не ги вакцинирале своите деца според задолжителниот распоред за имунизација, од кои решени се 237.
Од Институтот за јавно здравје на Црна Гора предупредуваат дека родителите најчесто одбиваат да ги вакцинираат децата со ММР вакцината против сипаници, заушки и рубеола. Според податоците на ИЈЗ, над 50 отсто од децата до две години не се вакцинирани, додека вкупно 25.000 деца до 18 години не ја примиле вакцината.
Согласно законот за заштита на населението од заразни болести, казни од 100 до 2.000 евра се пропишани за родителите кои ќе одбијат да ги вакцинираат своите деца според задолжителниот распоред за имунизација.
Епидемиологот од Институтот за јавно здравје Милена Поповиќ Самарџиќ посочува дека судовите изрекуваат симболични казни за одбивање и одложување на вакцинацијата и дека на тој начин проблемот не се решава.
– Календарот за задолжителна имунизација предвидува децата да се вакцинираат до одредена возраст, а задача на инспекцијата е при посетите во здравствените домови да собира податоци за доцнење на вакцинацијата и да покрене постапка против родителите кои не го почитуваат законот. Многу често судовите им изрекуваат симболични казни од 100 евра на родителите, а нема упатство дека вакцинацијата мора да се изврши во определен временски рок. Со тоа се создава перцепција дека со плаќање на глобата изречена од прекршочниот суд престанува обврската на родителот да го вакцинира детето. Неопходно е државата да донесе јасни и одлучни прописи кои ќе обезбедат опфат со вакцинација. Сегашната обврска произлегува од Законот за заштита на населението од заразни болести, кој во член 27 вели дека родителот е должен да овозможи детето од предучилишна и училишна возраст да се вакцинира против наведените болести. Во членот 74 од истиот закон е пропишана глоба од 100 до 2.000 евра за одбивање или спречување вакцинација – вели Поповиќ Самарџиќ.
Поповиќ Самарџиќ наведува дека сипаниците (морбили) се најзаразна болест.
– Тоа значи дека едно заразено лице може да зарази голем број на осетливи лица. Во литературата ќе откриете дека се работи за 12 до 18 луѓе, а некаде ќе најдете дека е од 22 до 24 луѓе, значи е осум пати позаразно од ковид, а видовме во изминатите две години како сето тоа изгледа со заразни болести – објасни Самарџиќ.
Посочува дека студиите покажале дека ММР не предизвикува болест или аутизам.
– Тоа е најпроучена и најпроверена вакцина. Студии се направени дури и кај ризичната популација, кај деца кои веќе имаат брат или сестра во семејството кои живеат со болести од спектарот на аутизам и затоа ги сметате за ризична популација, каде што имаат позитивна семејна историја и сл. Малите сипаници се најопасни за децата до пет години, а особено ризични за децата до две години. Токму поради оваа причина советуваме навремена вакцинација, која се спроведува меѓу 12 и 15 месец од животот – вели Поповиќ Самарџиќ.