Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ денеска ја обвини актуелната влада дека, како што наведе, не само што е неодговорна кон националните интереси на Црна Гора, туку и дека целосно ја игнорира Европа.
На конференцијата за руската агресија врз Украина „Влијание и рефлексија врз Западен Балкан“, организирана од германската фондација Конрад Аденауер и Атлантскиот совет на Црна Гора, одговарајќи на прашања за повторувањето на локалните избори во Шавник, изменетиот Закон за претседател и неизборот на судии на Уставниот суд Ѓукановиќ посочи дека е добиена јасна порака дека власта не е заинтересирана за тоа, пренесе МИНА.
Според него, таа порака била очекувана бидејќи доаѓа од, како што наведе, „крилото на руското крило“.
– Ова не е изум на демократите и УРА, туку изум на проруската структура наречена ДФ, а другите го следат од свои калкулантски причини. Ова е пред се црногорско прашање, но не е само тоа, затоа што мораме да ги здружиме силите – рече Ѓукановиќ.
Црногорскиот претседател вели дека не ја обвинува промената на власта во Црна Гора на изборите од 30 август 2020 година, но смета дека по повеќе од две години од таа промена искуството е негативно.
Тој смета дека ваквата состојба е резултат на национално неодговорната политика, а излезот од неа мора да бидат избори.
Тврди дека не се залага за вонинституционални притисоци и методи и дека до вчера Црна Гора важела за примерен модел на демократска транзиција во регионот.
– Не е случајно тоа што Црна Гора влезе во НАТО и отиде пред другите земји во процесот на европска интеграција. Никој тоа не ни го дал – рече меѓу другото Ѓукановиќ, пренесува МИНА.