Угледниот универзитетски професор и македонски активист
гостуваше во емисија на албанска национална телевизија
Професор доктор Кимет Фетаху гостувајќи во емисија на албанската национална телевизија АБЦ њуз зборуваше за неговата кандидатура за претседател на Република Албанија, како предлог на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Фетаху зборуваше и за своето македонско потекло од селото Требиште, областа Голо Брдо, за положбата на Македонците во Албанија, за неговата професионална кариера како универзитетски професор и општественик и за предизвиците со кои се соочува албанското општество.
– Јас сум 40 години професор и сум подготвил една цела армија академски граѓани во Албанија од сите етнички заедници. Продолжувам и понатаму да бидам професор на Факултетот за геологија и рударство, да подготвувам нови генерации. Затоа сметам дека нема никаков проблем, јас како Македонец да бидат претседател. Па нели во Македонија потпретседател на Владата е Албанец – изјави професор доктор Фетаху.
Додаде дека поканата на партијата, во која бил секретар, да биде кандидат за претседател на државата, ја смета за чест и високо вреднување, за што е благодарен. Според него, претседателската функција треба да им се врати на академиците.
– И претходно имаше претседатели универзитетски професори, како Бамир Топи и Реџеп Мејдани. Мислам дека претседателската функција треба да им се врати на академиците, зашто сметам дека треба да се врати социјалниот мир, како на пример урбаниот развој придружен со соодветна инфраструктура – рече Фетаху.
Од МАЕИ велат дека проф. д-р Кимет Фетаху е почитувана личност во Албанија со професионален и личен интегритет, без политички товар и како аполитички кандидат е најсоодветна личност да биде новиот шеф на државата. Во писмениот предлог за неговата кандидатура, од името на партијата на 4 мај, беше наведено: „Проф. д-р Кимет Фетаху е роден во 1955 година во селото Требиште, областа Голо Брдо. Тој е доктор на науки, универзитетски професор и македонски општественик во Република Албанија. Има завршено универзитетски студии во Народна Република Кина и во Албанија, во насоката рударство и збогатување минерали. Во својата професионална кариера е предавач и раководител на секцијата за збогатување на минералите и долгогодишен член на Научниот совет на геолошко-рударскиот факултет каде што сѐ уште е активен како професор, a се занимава и со широка општествена дејност, се наведува во образложението на предлогот. Тој е активен во организирањето на Македонците во Република Албанија, особено по падот на диктаторскиот режим, во 1990 година. Во 1991 година, тој ја формира организацијата на Македонците од Албанија, „Братство“, која во 1993 година е преименувана во „Мир“, чиј претседател е сè уште. Исто така е директор на Центарот за етнички истражувања во Тирана.
Проф. д-р Кимет Фетаху даде извонреден придонес во последните 30 години за зајакнување на статусот и правата на македонската заедница и другите етнички заедници во нашето мултикултурно, повеќејазично и мултирелигиско општество, за развојот на цивилното и граѓанското општество. Огромен е неговиот придонес во последните 30 години за зајакнување на статусот и правата на македонската заедница и другите етнички заедници во нашето мултикултурно, повеќејазично и мултирелигиско општество, за развојот на цивилното и граѓанското општество“, се наведува меѓу другото во образложението.
Подготвил: Марјан Велевски