Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, и лидерите од регионот разговарале и за надминување на штетните ефекти предизвикани од конфликтот меѓу Русија и Украина
Лидерите од Западен Балкан ја потврдија својата стратегиска определба за европска интеграција и поддршка за регионалната соработка, соопшти Европската служба за надворешни работи по работната вечера во Брисел за лидерите од регионот, која завчера ја организира министерот за надворешни работи на Европската Унија, Жозеп Борел. Фокусот на разговорите бил ставен на глобалното и на регионалното влијание на војната меѓу Русија и Украина, како и на тоа како ЕУ и партнерите од Западен Балкан може заедно да се справат со штетните ефекти на оваа војна врз цените на храната.
– Високиот претставник Борел ја поздрави целосната поддршка на партнерите од Западен Балкан во Генералното собрание на Обединетите нации за резолуциите за руската агресија врз Украина. Високиот претставник ги информира лидерите за рестриктивните мерки на ЕУ насочени кон ограничување на способноста на Кремљ да финансира војна. Тој ја повтори важноста од усогласување на заедничката надворешна и безбедносна политика како централен елемент на европскиот пат – се вели во соопштението на ЕЕАС.
Пред средбата со лидерите од Западен Балкан, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел пред новинарите истакна дека Европската Унија го поздравува фактот што повеќето земји од регионот од првиот ден целосно ги почитуваат одлуките на ЕУ што беа одговор на руската агресија врз Украина.
– Ги повикувам другите да го сторат истото тоа. Повеќето веќе го направија тоа, но ги повикувам и другите да го сторат тоа – рече Борел.
Како што соопштија од кабинетот на македонскиот премиер Димитар Ковачевски, на средбата со Борел било истакнато дека е време за наоѓање достоинствено европско решение за деблокирање на почетокот на пристапните преговори за Македонија.
Претседателот на Србија, пак, Александар Вучиќ, најави „тешки разговори поради многу прашања што се појавија во меѓувреме“.
Тој нагласи дека Србија останува посветена на забрзаниот пат кон ЕУ. Тој најави „една важна посета на Белград“ во наредните денови.
Членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, оцени дека украинската војна не влијае на неговата земја. Според него, поголем проблем е што во БиХ се одржуваат избори без изборни реформи.
Од Европската Унија додаваат дека на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, кој ќе се одржи на 13 мај во Брисел, ќе се одржи дискусија за состојбата во регионот, на која ќе се разменат неформални мислења со министрите за надворешни работи од Западен Балкан.
Подготвил: Митко Јовановски