Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека Хрватска чекала долго за да стане членка на ЕУ, но не толку колку земјите од Западен Балкан.
– Многумина ја замислуваат Европската унија како федерација, која според мене никогаш не смее да стане. Јас лично ќе се борам против тоа – рече Милановиќ во своето воведно обраќање на конференцијата „10 години Република Хрватска во Европската унија“.
– Не сакам повторно да имаме центар на моќ – додаде тој.
– Буџетот на ЕУ е толку мал што навистина ништо не може да се направи со него освен центри за иновации, неколку мостови, противпожарна станица, сите работи што ги гледам секоја недела надвор од Загреб, и тоа е добро затоа што наместо тоа нема ништо друго – вели Милановиќ.
Хрватскиот претседател додаде дека ЕУ „страда, што е тешко да се излечи, од хроничен недостаток на демократија и одговорност и уште еднаш го повика шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел.
– Борел е оптоварен со такви афери што не би можел да биде министер во мојата влада, а не знам во владата на Пленковиќ. Како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен – додаде Милановиќ.
Борел го одбил барањето на Хрватска да учествува во мисијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина, воена мисија на ЕУ, а Милановиќ повторил дека неговото писмо е полно со лаги.