Во анализата насловена „Долгиот пат: Поуки од ЕУ-ЦИЕ за унапредување на интеграциите и развој на Западен Балкан“ истражувачите констатираат дека „ЕУ треба да ги зголеми средствата за Западен Балкан, преку овозможување целосен пристап до буџетите на Унијата за земјите од регионот“. Доколку економиите на Западен Балкан добијат целосен пристап до буџетот на ЕУ, тоа ќе влијае на поголеми приходи и на поголема регионална интеграција
Неопходно е алоцирање повеќе средства од Унијата за економски развој на Западен Балкан (ЗБ)
Со целосен пристап до буџетот на Европската Унија, економиите на земјите од Западен Балкан би добиле неколкупати повеќе средства отколку кога би го користеле економскиот и инвестициски план наменет за регионот. Но поголемите трансфери треба да бидат строго условени со институционални реформи!
Ваквите констатации се наведуваат во анализата на Виенскиот институт за меѓународни економски студии и фондацијата „Бертелсман“. Во истражувањето компаративно се анализирало „дали пристапувањето во ЕУ ја унапредило регионалната и економската соработка во земјите од Централна и од Источна Европа (кои сега се членки на Унијата) и кои поуки можат да се извлечат од искуството за економиите за Западен Балкан.
Влегувањето во ЕУ влијаело на унапредувањето на регионалната економска интеграција со земјите од ЦИЕ, а меѓусебната трговија со стоки и услуги во тој регион се зголемила за 50 отсто. Трговската интеграција била главно поттикната со приходите од буџетите на ЕУ, кои се на ниво од два отсто од годишниот буџет на тие земји, а некои земји, како Бугарија и Унгарија, добиле и повеќе, односно до три отсто од БДП. Земјите и индустриите што имале поголем степен на регионална интеграција побрзо се вклопиле по влегувањето во ЕУ.
Во анализата насловена „Долгиот пат: Поуки од ЕУ-ЦИЕ за унапредување на интеграциите и развој на Западен Балкан“ не е детектирана директна врска меѓу пристапувањето во ЕУ и приливот на директните странски инвестиции (СДИ). Според авторите на анализата, за Западен Балкан најдобар начин да се унапреди регионалната соработка е усвојување на политиките насочени на раст на приходите. Тоа ќе доведе до поголема побарувачка за стоките и услуги од регионот, како и за поголема понуда.
Истражувачите велат дека ЕУ треба да ги зголеми средствата за Западен Балкан, преку овозможување целосен пристап до буџетите на Унијата за земјите од регионот.
– Цената за членките на ЕУ би била маргинална додека ефектите за економијата на Западен Балкан би биле значајни – се потенцира во истражувањето.
Се проценува дека економскиот и инвестицискиот план за ЗБ што беше усвоен од Унијата во октомври 2020 година нема да биде доволен. Вредноста на овој пакет е позициониран на девет милијарди евра, или околу еден отсто од вкупниот годишен БДП на Западен Балкан. Исплатените средства можат да бидат и помали, поради релативно слабиот капацитет на регионот за привлекување на европските пари. А доколку економиите на Западен Балкан добијат целосен пристап до буџетот на ЕУ, тоа ќе влијае на поголеми приходи и на поголема регионална интеграција.
Меѓутоа, напредокот со реформите е многу потежок од рестриктивниот економски модел, недостигот од силна финансиска поддршка однадвор и сомнежите во процесот на пристапување во ЕУ.
– Повеќе финансии за унапредување на јавната инфраструктура, посилен процес за проширување и побрз напредок со реформите би помогнале Западен Балкан да привлече поголем и поквалитетен прилив на директни странски инвестиции – заклучуваат авторите на истражувањето на Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
Подготвил: Митко Јовановски