Со воведувањето ембарго за енергентите од Русија, стапката на инфлација во сите земји од регионот би била двоцифрена, а ќе има и намалување на економските активности, предвидува Виенскиот економски институт. Истовремено, „Геополитика“ во својот осврт на случувањата со енергентите пишува дека големата енергетска игра за европскиот пазар продолжува. Проблемот е во тоа што почнуваат да се јавуваат сериозни последици за малите и слаби земји во Европската Унија
АНАЛИЗА НА ВИЕНСКИОТ ЕКОНОМСКИ ИНСТИТУТ
Војната во Украина различно ќе се одрази на економскиот раст на 23 земји од Централна, Источна и од Југоисточна Европа, предупредува Виенскиот економски институт, кој во најновата анализа предвидува помал економски раст во земјите од Источна и од Централна Европа. Институтот во својата пролетна прогноза тргнува од основното сценарио на досегашната состојба во односите меѓу Русија и Украина, но направени се и проекции доколку воениот судир ескалира и Европската Унија воведе забрана на увоз на нафта и гас од Русија. Во вториот случај, во земјите од Источна и од Средна Европа ќе биде забележан и поголем пад на економијата. Така, според прогнозите на Виенскиот институт, за сите земји од Западен Балкан се предвидува вкупен раст од 3,1 отсто во 2022 година, 3,2 отсто во 2023, а 3,3 отсто во 2024 година. Годинава Србија ќе оствари раст на економијата од 3,6 отсто, а за следната година растот ќе биде 3,4 отсто. За Албанија и за Црна Гора се предвидува раст од 3,5 отсто, за Косово 3,3 отсто, за Македонија 2,5 отсто и за Босна и Херцеговина 1,8 отсто.
Според основното сценарио, за членките на ЕУ и за земјите од Централна и од Источна Европа се предвидува раст на економијата од 2,5 отсто, а во случај на негативно сценарио, извесна е блага рецесија од минус 0,9 отсто. Во случај на негативно сценарио, што предвидува и прекинување на испораката на руските енергенти, Виенскиот институт за Србија предвидува „нула“ раст за годинава, а за следната година растот би изнесувал два отсто. За Украина и за Русија, во зависност од двете сценарија, се прогнозира голем пад. Од минус 38 до минус 45 за Украина, а руската економија ќе забележи пад од минус девет до минус 15 отсто од БДП. Турската економија, која е втора по големина во регионот, годинава ќе порасне за 2,7 отсто, а според полошото сценарио, таа ќе оствари раст за 2,5 отсто.
– Доколку набрзо се постигнат примирје и политичко решение, посилен раст може да се очекува во 2024 година, затоа што приватните инвеститори побавно се враќаат во земјите – изјави Васил Астров, кој е автор на најновата прогноза на Виенскиот економски институт.
Со воведувањето ембарго за енергентите од Русија, стапката на инфлација во сите земји од регионот би била двоцифрена. Загубите од трговијата со Украина и со Русија за повеќето земји од Централна, Источна и од Југоисточна Европа во просек изнесуваат 0,5 отсто од БДП. Земјите ќе бидат најизложени на порастот на цените на енергентите и на прехранбените производи, а тоа ќе се одрази и на приходите на домаќинствата.
Русија почна со практичното остварување на своите енергетски закани на европска почва, со што почнува нова „голема игра“, во која тие што не ги знаат правилата немаат никакви шанси за опстанок, пишува во текстот на „Геополитика њуз“, кој се осврнува на новонастанатата состојба по спроведувањето на одлуката од рускиот претседател Владимир Путин за тоа дека купувачите на гас од западните земји ќе мораат да го плаќаат гасот во рубли. Европската комисија зазеде став дека ваквата одлука е неприфатлива, затоа што не е заснована на постојните договори, во кои не е предвидена опција за плаќање на гасот во руската национална валута.
Проблемот е во тоа што сериозни последици почнуваат да се јавуваат за малите и слаби земји во Европската Унија. Големата енергетска игра за европскиот пазар продолжува. Русија, долгорочно гледано, ќе го изгуби овој пазар и оваа земја се свртува кон испорака на нафта и гас кон земјите од Источна Азија. Од друга страна, ќе профитираат САД со своите испораки на ЛНГ-гасот, кој во поголеми количества ќе пристигнува во Европа, додека најдебелиот крај ќе го извлечат земјите што немаат енергетска ни каква било друга стратегиска автономија, пишува „Геополитика њуз“.
Подготвил: Митко Јовановски