Турција

Подготвил: Марјан Велевски

Турскиот парламент усвои закон со цел да се бори против напливот на лажни вести и дезинформации, особено во медиумите и на социјалните мрежи. Законот, кој содржи 40 члена, помина со гласовите на владејачката Партија на правдата и развојот на претседателот Реџеп Таип Ердоган и нејзините коалициски партнери, кои заедно имаат мнозинство во парламентот. Пратениците од опозицијата, често прекинувајќи ја дебатата, го осудија предлог-законот и го оквалификуваа како „закон за цензура“. Претседателот на Турција, Ердоган, цврсто застана зад предлог-законот, велејќи дека лажните вести и растечкиот „дигитален фашизам“ се закана за националната и глобалната безбедност.

Жолчната дискусија во парламентот ја предизвика токму членот 29 од споменатиот Закон против лажните вести и дезинформациите, каде што се предвидува и затворска казна за ширење дезинформации. Во одредбата од членот 29 децидно стои дека ќе има „казна затвор до три години за ширење информации што се спротивни на вистината“ за безбедноста, јавниот ред и здравје на Турција, а имаат цел „да предизвикаат загриженост и паника кај јавноста“. Во турскиот парламент, опозицијата ја нападна оваа одредба со аргументи дека „законот има цел да ги замолчи критичарите на Владата пред претседателските и парламентарните избори закажани за јуни“.

Толкувачите на овој закон предупредуваат дека сега и „корисниците на социјалните мрежи може да бидат притворени доколку споделат содржина за која Владата смета дека е лажна“.


Западот не се согласува со законската регулатива на Турција од областа на јавното информирање

И во средината на оваа година сервисите на турски јазик и на американскиот радиодифузер „Гласот на Америка“ и на германската „Дојче веле“ беа блокирани од турскиот медиумски регулатор предизвикувајќи обвиненија од Западот за цензура.
Имено, турскиот Врховен одбор за радио и телевизија ја спроведе одлуката од февруари годинава, со која се бара од меѓународните медиуми што емитуваат телевизиски содржини на турски преку интернет да аплицираат за дозвола за пренос. Судот во Анкара уште во јуни донесе одлука за ограничување на пристапот до веб-страниците на државно финансираните „Дојче веле“ и „Гласот на Америка“.
Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, уште кога се појави регулативата за лиценцирање во февруари, преку Твитер објави дека Вашингтон е загрижен поради „одлуката на РТУК да ја прошири владината контрола врз медиумите за слободниот печат“.

Но веднаш потоа, како одговор, портпаролот на турското министерство за надворешни работи, Танџу Билгич, истакна дека САД бараат од турската државна телевизија на англиски јазик, TРТ ворлд, да се регистрира како странски агент според законот наменет за лобисти и фирми за односи со јавноста што работат за странски влади.
И на крајот, како потсетување, „Фридом хаус“ уште минатата година ја оцени Турција како „неслободна“, на индексот „слобода на мрежата“. „Репортери без граници“, пак, ја рангираа Турција на 149-то место од 180 земји во светскиот индекс за слобода на печатот, велејќи дека „се користат сите можни средства за да се поткопаат критичарите“, вклучувајќи и одземање новинарски картички. Н.Н.