Србија

По најавата за поскапување на електричната енергија во Србија многу граѓани се заинтересирани да произведуваат сопствена струја преку поставување соларни панели на покривите на сопствените куќи или на колективните згради за живеење. Граѓаните на Србија и стопанството добија можност да се стекнат со статусот „купувачи производители“ на електрична енергија. Овој статус им овозможува да произведуваат струја за сопствени потреби, а за вишоците што нема да ги потрошат веднаш да се складираат во електроенергетскиот систем и да ги повлечат тогаш кога потрошувачката ќе им биде повисока од произведената.
Енергетичарот Жељко Митровиќ, кој бил и поранешен директор во Електростопанство на Србија, вели дека вредноста на инвестицијата за инсталирање на соларни панели се движи од три до пет илјади евра, во зависност од моќноста што се сака да се инсталира. За повеќето српски домаќинства е потребна електрична моќност од три до пет киловати, но доколку произведуваат над нивните месечни потреби, вишокот струја може да им се продаде на постојните дистрибутери.
– Домашните производители на струја не се обврзани само да ја продаваат на ЕПС. Сѐ е работа на договор. Соларните фотонапонски електроцентрали произведуваат струја и во зима, но во помал обем. Предноста на статусот купувач производител, особено за домаќинствата, е што вишокот произведена струја во лето се регистрира како кредит, за потоа да се искористи во зима во текот на грејната сезона. На овој начин постојната електродистрибутивна мрежа станува виртуелна батерија и тоа е предноста на ваквиот начин на пресметување на производството и потрошувачката на струја – вели Митровиќ.