Киријакос Мицотакис / Фото: ЕПА

ЕУ продолжува со политиката на двојни стандарди – за едни важат стандардните критериуми, како што се копенхашките, а за други, како Македонија и Турција, критериумите секојдневно се менуваат и надградуваат и важи европската „политика на стапот“. Повеќето политички аналитичари со кои ја анализиравме оваа тема токму Грција ја издвојуваат како знаменосец на „политиката на двоен колосек на ЕУ“ за регионот на Балканот. Всушност, Атина во раката го има „стапот за дисциплинирање“ на балканските земји (Македонија, Турција, Србија, Албанија…), а Брисел го има „морковот“ за земјите од регионот и на „помек начин“ се обидува да ги превоспита да практикуваат послушност

МИЦОТАКИС ЈАВНО СЕ ПОФАЛИ ДЕКА СО ЕВРОПСКА ПОДДРШКА БЛОКИРА УШТЕ ЕДЕН СВОЈ СОСЕД: ГРЦИЈА ПО „МАКЕДОНСКИ РЕЦЕПТ“ ЈА УЦЕНУВА ТУРЦИЈА

Грција го уценува напредокот на Турција кон ЕУ со кипарското прашање користејќи ги речиси истите методи со кои го издејствува потпишувањето на Преспанскиот договор. Ваквиот заклучок аналитичарите го базираат на изјавата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис дадена на последниот Европски совет, дека напредокот во односите меѓу Европската Унија и Турција е поврзан со напредокот за кипарскиот проблем.
Потсетувајќи дека односите меѓу ЕУ и Турција се меѓу темите за кои ќе се разговара за време на специјалниот состанок на Европскиот совет во Брисел, Мицотакис, како што пренесуваат агенциите, рекол: „Во моментов сум задоволен од заклучоците што ги донесовме, а кои го потврдуваат фактот дека односите меѓу Европската Унија и Турција можат да напредуваат, но секогаш во рамките на одлуките што ги донесе Европскиот совет во последните години“.

ЕКСПЛИЦИТНА ПОДДРШКА ЗА „ЕВРОПСКОТО ГАЛЕНИЧЕ“ – ГРЦИЈА

Мицотакис го поздрави фактот „дека постои експлицитна референца што го поврзува напредокот на односите ЕУ-Турција со напредокот што може да се постигне за прашањето на Кипар“.
Грчкиот премиер додаде дека резолуциите на Советот за безбедност на ОН се единствената рамка во која може да се реши кипарскиот проблем, при што изрази надеж дека се очекува „новиот напор, преземен од новиот претставник на ОН, конечно да понуди плодови“.
Кипар со децении е поделен меѓу кипарските Грци и кипарските Турци, и покрај серијата дипломатски напори на ОН за постигнување сеопфатно решение.
Познавачите на прашањето велат дека и не очекувале оти Брисел ќе ја смени плочата што со децении се врти, а таа секогаш е свртена на страната на Грција. Состојбите не се променија дури и кога се дојде до решение посредувано со САД и со ООН, сѐ беше готово да се стави печатот на решение за кипарското прашање, кога, изненадувачки, на референдум кипарските Турци рекоа „да“ за решението, но кипарските Грци кажаа „охи“, значи не. Па, сѐ почна одново.
Иако навидум изгледа дека меѓународната заедница еднакво ги третира двете страни, исто како и во македонскиот случај, конците се влечат зад сцената и секогаш притисокот е насочен кон Македонија, односно Турција. Така беше за македонскиот прием во ООН, за приемот во Советот на Европа, во НАТО. А така беше скроена и Преспанската спогодба, која не е ниту договор, оти за да биде договор треба да ги има стандардите на меѓународното право во согласност со Виенската конвенција. Во таа спогодба нема ниту една точка во која се зборува за реципроцитет, нешто што е основа на меѓународните договори!
Турција не ја подобри својата преговарачка позиција иако е една од најсилните армии во НАТО. Западот предводен од интересите на Велика Британија и САД не отстапи од поддршката за „оној што ја испиша историјата и ги постави корените на Европа“, а тоа е Грција, наведуваат аналитичарите.

ЖИВА Е „МЕГАЛИ ИДЕЈАТА“ НА АТИНА?!

Грција е милениче на Европа и на САД, а како потсетување историјата со факти кажува дека британски авиони фрлаа напалм-бомби врз Македонци, претежно жени и деца, и практично ја настрвија Грција против македонските борци во Втората светска војна, кои се бореа против фашизмот и нацизмот. Се обидуваат да ѝ помогнат и за Кипар, но таму работите, сепак, одат потешко. Турција во 1974 година интервенираше на кипарскиот остров за да ги спаси своите турски сонародници од прогонот на грчката хунта и да ја спречи таканаречената мегали идеја (голема Грција), откога островот е поделен на две фактички држави – таа на кипарските Турци и на кипарските Грци, која, за чудо, е и членка на ЕУ. Сите копенхашки и европски критериуми важат за Македонија, Турција, Албанија…, но не и кога станува збор за Грците и нивните западни спонзори.
Не поминува подобро ниту Албанија, а Грција поради состојбата на грчкото малцинство во таа нејзина соседна земја го блокира отворањето на првото поглавје за членство во Унијата. Како под силен диктат на Атина двете земји постигнаа договор за поморската граница е исто така прашање за анализа за тоа како со дипломатска сила, со уцени и непринципиелни поддршки, може да се остварат целите.
Грција доби помош и за време на кризата предизвикана од нејзината ендемска корупција, при што требаше да враќа долг од околу 320 милијарди евра, а речиси уште толку ѝ беа простени. И во таква криза, тандемот Ципрас-Варуфакис и премиерот во доаѓање Мицотакис се силеа кон сите, дека тие се всушност жртвите, ја срамотеа канцеларката Меркел на сите протести низ Грција (распламтување на грчкиот национализам) и официјално од Германија побараа стотици милијарди евра воени репарации. И токму во тој период најактивна беше неонацистичка група и партија Златна зора, која сееше страв меѓу македонското малцинство во Грција. За жал, ниту потпишувањето на Преспанската спогодба не го реши нивниот статус, како што не е решен ни статусот на турското и на албанското малцинство. За жал, и концесиите што ги даде Албанија не им даваат резултати, а Турција останува цврсто да се бори за Турците на Кипар, без разлика што воопшто не напредува кон ЕУ. Х.И.


Грција еднаш „излета“ од Советот на Европа

Во 1969 година, за време на воениот режим во Грција, Атина решава да го напушти членството во таа организација. Одлуката ја донесува откако „некој“ им дошепнал дека грчкиот случај е на дневен ред на Комитетот на министрите на СЕ и оти ќе се гласа за нејзино исклучување од организацијата. За да не се најде на столот на срамот, Грција сама се исклучува. Повторно се враќа во СЕ по падот на хунтата на 28 ноември 1974 година.