„Резолуцијата и препораката на Европскиот парламент (од 23 ноември), која е поврзана со Стратегијата за проширување на ЕУ, а упатена до Советот на ЕУ, Европската комисија и други инстанци, е против регионалната иницијатива Отворен Балкан, во која се Србија, Албанија и Македонија“!
Европскиот парламент им препорачува на функционерите на Европската Унија:
Регионалните медиуми му посветуваат големо внимание на завчерашниот документ за препораката на Европскиот парламент (ЕП) наведена во делот „Демократска и социјално-економска трансформација во земјите-кандидати“.
„Резолуцијата и препораката на Европскиот парламент (од 23 ноември), која е поврзана со Стратегијата за проширување на ЕУ, а упатена до Советот на ЕУ, Европската комисија и други инстанци, е против регионалната иницијатива Отворен Балкан, во која се Србија, Албанија и Македонија“, пишуваат медиумите во регионов.
Отворен Балкан наспроти Берлинскиот процес: Во што е разликата?
Европскиот парламент (ЕП) им препорача на повисоките тела на Европската Унија (ЕУ) да бидат резервирани кон иницијативата Отворен Балкан (ОБ), која минатата година ја почнаа политичките лидери на Србија, Албанија и Македонија, пренесуваат повеќе медиуми во Албанија и во Србија.
Софија Поповиќ од порталот „Јуропиан вестерн балканс“ за „Данас“ вели дека неволноста кон Отворен Балкан не е изненадување, со оглед на тоа што другите европски институции постојано повторуваат дека регионалните иницијативи мора да бидат инклузивни и приспособени според европските правила.
– Тоа му недостигаше на Отворен Балкан од почетокот, имајќи предвид дека некои земји во регионот се скептични за намерите на лидерите на Србија, Албанија и Македонија од различни причини. Оваа формулација го отсликува она што долго време го кажуваат другите функционери на Европската комисија или земјите-членки, само завиткано во дипломатски речник – посочува таа.
Како што додава таа, наспроти резервите во однос на иницијативата Отворен Балкан, членовите на ЕП недвосмислено го поддржаа потпишувањето на договорот во рамките на Берлинскиот процес во почетокот на ноември, како чекор напред кон создавање на Заедничкиот регионален пазар (ЗРП), што подразбира исто како ОБ, само инклузивно и без дилема дека ќе биде според европските правила.
Медиумите укажуваат дека она што досега се кажуваше во дипломатски ракавици, или се премолчуваше (дека иницијативата Отворен Балкан ја турнаа напред САД, а наспроти неа е иницијативата на ЕУ наречена Берлински процес), се појави во штотуку усвоените препораки на Европскиот парламент. Во нив се поздравува значењето на иницијативи како што е Берлинскиот процес, а се препорачува изразување резервираност во однос на секоја иницијатива за регионална економска соработка што не ги вклучува сите шест земји од Западен Балкан и не се заснова на правилата на ЕУ, како што е иницијативата Отворен Балкан.
Иако секоја соработка во регионот е добредојдена, со ова јасно е потенцирана разликата меѓу двете иницијативи. Кон иницијативата„Отворен Балкан досега пристапија само три држави – Србија, Албанија и Македонија, а во Берлинскиот процес (востановен по иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, во 2014 година) учествуваат сите шест земји од Западен Балкан. Сега во регионот, особено во земјите учеснички на Отворен Балкан, со интерес се анализира препораката на ЕП, а медиумите во Албанија го пренесуваат ставот на поранешниот албански претседател и претседател на опозициската Партија на слободата, Илир Мета, кој ја поддржал препораката.
– Партијата на слободата го поддржува одобрувањето на новата стратегија за проширување од страна на Европскиот парламент. Ги цениме сериозните резерви кон иницијативите како Отворен Балкан, која, како што нагласивме одамна, не се заснова на правилата на ЕУ. Ревитализацијата на Берлинскиот процес е клучна за новите достигнувања во регионалната соработка и членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ – оценува Мета.
Македонската влада здушно ја поддржа иницијативата Отворен Балкан
Отворен Балкан уште од основањето стана прашање на поларизирани оцени во регионот: за едни беше одлична иницијатива за соработка, за други – проект со сомнителна заднина. Честопати беше акцентирано и прашањето зошто, освен индивидуални и неофицијални изјави на формална поддршка, ЕУ никогаш официјално не се изјасни што мисли за иницијативата. Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора беа загрижени дека Отворен Балкан може да е фасада за регионална хегемонија на Србија. Но дури и да се двоумеле некои од нив дали да се приклучат во Отворен Балкан, една изјава на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во јуни годинава им го зголеми сомнежот. Критикувајќи ја одлуката да му се забрани прелет на неговиот авион до Србија, Лавров прстот го впери во „бриселските газди“.
– Очигледно не сакале да му дадеме поддршка на Белград и неговата иницијатива за Отворен Балкан, која треба да ги подобри односите во регионот. Сега е јасно дека НАТО и Брисел го сакаат Балканот за себе, сакаат затворен Балкан – изјави Лавров.
Од друга страна, ОБ навистина ја зголеми соработката меѓу трите земји и меѓусебната помош, особено во време на кризи. Таква беше и пораката што ја испрати македонскиот премиер Димитар Ковачевски од последниот самит на ОБ во септември годинава.
– Од овој самит на Отворен Балкан заедно испраќаме порака дека, како држави и како влади, се солидаризираме и преземаме конкретни чекори за заеднички да се справиме со кризата во која се наоѓа Европа и во која се наоѓаат нашите земји. Зимата пред нас, која доаѓа, ќе биде долга и ќе биде најтешка по Втората светска војна, како за нас, така и за целиот свет. Но ако судам по сите разговори денес, подобро е да ја пребродиме заеднички, отколку секој да ја пребродува самостојно. Тоа е суштината на Отворен Балкан – поврзување, солидарност, добрососедство, сѐ во функција на подобрување на животот и стандардот на граѓаните – порача Ковачевски.
Сепак, главна забелешка на критичарите остана дека „таму не се сите земји од Западен Балкан“.
Дали Отворен Балкан и Берлинскиот процес можат да опстојат паралелно или еден со друг се исклучуваат?
Некои од аналитичарите оценуваат дека Отворен Балкан не е спротивен на Берлинскиот процес, ниту на заложбите за инклузивност, туку бил oбид да се направи барем нешто во време кога процесот на проширување на ЕУ во регионот беше во драматичен застој. Практично, повикот до сите земји од ЗБ да се придружат кон ОБ никогаш не запре. Албанскиот премиер Еди Рама изјавуваше дека е важно иницијативата Отворен Балкан да ги собере не само земјите од регионот туку и другите земји и дека таа иницијатива не треба да бара оправдување за своето постоење, бидејќи ќе ја разберат само оние што имаат визија и сакаат добро за иднината.
ЕП препорачува „да се зголемат економската конкурентност и социјалната кохезија на Западен Балкан преку структурни реформи и воспоставување регионална економска соработка, која е прифатлива за сите шест земји, стремејќи се кон понатамошно усогласување со стандардите и законите на ЕУ и придонесувајќи во процесот на интеграција во ЕУ“.
Во овој контекст, Европскиот парламент ги поздравува неодамнешните договори на самитот на Берлинскиот процес (на трети ноември годинава во Берлин), особено склучувањето регионални договори за слобода на движење со лични карти, како и меѓусебно признавање на високообразовните квалификации (за докторите на медицина, дентална медицина и архитектите). Експертите беа согласни дека тоа беше историски самит на Берлинскиот процес, бидејќи тие договори ќе ги изградат темелите на Заедничкиот регионален пазар, кој е договорен во Софија во 2020 година, како натамошен развој за Регионалниот економски простор, кој беше потпишан во 2017 година во Трст.
А како доказ дека ЕУ е посветена на регионот, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, веднаш посочи која дестинација е избрана за следниот самит.
– Следниот самит на ЕУ за Западен Балкан ќе го одржиме во Тирана, на 6 декември, за да го потврдиме нашиот зголемен ангажман во тој регион. Западен Балкан е врвен приоритет за Европската Унија. ЕУ и Западен Балкан си требаат еден на друг – порача Мишел.
Некои од аналитичарите и натаму сметаат дека „едното не мора да го исклучува другото“, односно дека Отворен Балкан не е спротивставен на Берлинскиот процес. Но засега нема процени како може препораката на ЕП да се одрази врз ОБ. И Поповиќ не е сигурна за исходот.
– Ќе биде интересно како ќе опстои Отворен Балкан како иницијатива, доколку другите институции во иднина на сличен начин му дадат поддршка на Заедничкиот регионален пазар во однос на Отворен Балкан – вели таа.