Бугарија
По седница на Консултативниот совет за национална безбедност, на која бугарскиот државен врв излезе со став во врска со почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, сите членови на Советот влегоа во самоизолација. Прв со симптоми на ковид се јави претседателот на Народното собрание, Никола Минчев, кој по маратонската шестчасовна седница во понеделникот почувствувал симптоми, а неговиот ПЦР се покажал позитивен на ковид.
Претседателот Румен Радев, кој во име на Консултативниот совет ја даде изјавата на нивните ставови кон македонските аспирации за влез во ЕУ, исто така е во самоизолација, како и членовите на неговиот кабинет.
– Сите се во добра здравствена состојба. Преземени се мерки за нормално функционирање на претседателската институција – соопштија од Кабинетот на бугарскиот претседател.
Во карантин влегоа и премиерот Кирил Петков и шефицата на неговиот кабинет, Лена Бориславова, како и министрите за одбрана, внатрешни работи и финансии, началникот на Генералштабот на бугарската армија, но и шефовите на безбедносните и разузнавачките служби.