Регионот во 2021 година

Традиционалниот избор на најинтересните настани и случувања на Балканскиот Полуостров и годинава ги стави пред тешка задача редовните хроничари. Изборот беше дали да им се даде приоритет на пандемијата и напорите на балканските земји да се справат со неа, или, пак, да се потенцира дипломатската офанзива на големите сили во обид да ги смират тензиите, без кои како да не се може во овој регион.
Во продолжение ви го нудиме нашиот избор, кој не претендира дека е најсеопфатен, но затоа, пак, го одбравме она што најмногу го привлече нашето внимание и вниманието на нашите читатели во 2021 година.

12 јануари – Поплави во Албанија, на помош и војската

Во деновите по божиќните празници, Балканот беше зафатен од студен бран, што донесе врнежи од снег и дожд и промени на невообичаено топлото време за тој период од годината. Поради поплавите предизвикани од поројните дождови, неколку места во Албанија беа изолирани, а албанската војска беше вклучена во снабдувањето со храна и вода на домаќинствата во северозападниот дел на земјата. Во соопштението на Министерството за одбрана беше наведено дека најмалку 36 семејства се евакуирани од областите Леж и Драч. Околу 7.450 хектари земјиште беше поплавено во Скадар, Леж и во Драч.

1 февруари – Хрватска го откажа одржувањето на пописот

Хрватска го откажа одржувањето на пописот поради неповолната епидемиолошка состојба. Официјалното образложение на властите во земјата е дека пописот мора да биде квалитетен со повисок одзив, бидејќи мора да се земе предвид здравјето, како на граѓаните така и на попишувачите. Според хрватските власти, во ситуација кога имате луѓе во болници, на апарати за дишење, во изолација, под прашалник е каков ќе биде квалитетот на податоците.

25 март – Во Србија на масовна вакцинација

За три дена во Србија вакцината „Астра Зенека“ ја примија повеќе од 22.000 странци, кои дојдоа по покана на Стопанската комора на Србија или се пријавија преку српскиот портал за електронска управа. Повикот резултира со доаѓање на илјадници граѓани од целиот Балкан, кои чекаа на ред за вакцинирање пред Белградскиот саем. Вакцинацијата во Србија, Хрватска и во Словенија започна во декември 2020 година, додека БиХ, Црна Гора, Македонија и Косово сè уште немаа добиено вакцини ни до крајот на март, освен мал број дози што беа донации од други земји. Дотогаш во Србија беа употребени дури 2.325.000 вакцини.

25 април – Избори во Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама ја прогласи „најубавата победа“ по успехот на социјалистите на парламентарните избори во Албанија, добивајќи го третиот мандат. Социјалистичката партија освои 48 отсто од гласовите, односно околу десет отсто повеќе од опозицијата на центристичко-десничарските демократи. Така, партијата на Рама освои 74 од 140 места во парламентот, а Демократската партија 59 места. Изборната кампања ја обележаа навреди, обвинувања за корупција и насилство.

10 јуни – Самит на лидерите на земјите од Западен Балкан

Во албанскиот главен град Тирана се одржа Самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан, во чиј фокус беа економијата и регионалната соработка. На овој самит учествуваа еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеи; премиерот на Албанија, Еди Рама; премиерот на Македонија, Зоран Заев; премиерот на Косово, Албин Курти; претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ; премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија.

4 септември – Немири во Црна Гора поради востоличувањето на митрополитот на Цетиње

Немирите во пресрет на востоличувањето на митрополитот црногорски и приморски Јоаникиј во Цетиње на 5 септември открија длабоки поделби во Црна Гора. Група незадоволни граѓани неколкупати се судрија со полицијата во близината на манастирот во Цетиње, каде што требаше да се изврши востоличувањето. Граѓаните го блокираа и влезот во градот за да не можат да влезат во Цетиње српскиот патријарх Порфириј и другите свештеници на Српската православна црква. На патот беа поставени камења, гуми и контејнери за да се спречи влезот кон градот.

5 септември – Попис во Македонија

Во Македонија се одржа првиот попис во последните 20 години, откако тоа не успеа во 2011 година од политички причини. Последниот попис беше во 2002 година, како дел од Охридскиот рамковен договор. Пописот првично требаше да започне во април, но беше одложен поради пандемијата. Во процесот, кој траеше до 30 септември, беа вклучени пет илјади попишувачи, попишани беа 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови. Последниот попис во 2002 година опфати 2.022.547 луѓе, што значи дека Македонија изгубила околу 190.000 луѓе за 19 години. Преку апликацијата за самопопис на граѓаните во дијаспората, најмногу во западноевропските земји, беа пријавени 204.805 македонски државјани што живеат во странство.

7 септември – Габриел Ескобар нов специјален пратеник на САД за Западен Балкан

Дипломатот Габриел Ескобар, кој е поранешен заменик-амбасадор на САД во Србија, ја презеде функцијата претставник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан, на местото на Метју Палмер. Од неговото назначување, Ескобар оствари три официјални посети на БиХ, при што се состана со членовите на Претседателството на БиХ, меѓу кои и Милорад Додик, претставници на Парламентот на БиХ, претставници на опозицијата во Бања Лука и западни амбасадори и дипломати. Со нив главно разговараше за политичката криза во земјата и корупцијата. Тој рече дека нема да има војна во Босна и Херцеговина и дека Дејтонскиот договор бил и останува основа на американската политика.

Септември – Бугарија во непрекинат гласачки модус – од избори во избори

Парламентот во Софија утврди термин за одржување на претседателските избори, а социјалистите во земјата не успеаја да формираат влада и тоа значеше дека ќе следуваат и трети парламентарни избори во Бугарија во рок од една година. Партиско-политички рововски битки, безуспешни обиди за составување влада и повеќепати одржани парламентарни избори во една година целосно ги заплеткаа работите во државата.

13 септември – Проштална посета на Ангела Меркел на регионот

Пред крајот на нејзиниот 16-годишен мандат, германската канцеларка Ангела Меркел ја посети Србија, а потоа и Албанија во рамките на нејзината проштална турнеја во Западен Балкан. Таа во Белград разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ за евроинтеграциите, состојбата во регионот и Берлинскиот процес. Во Тирана таа се сретна со албанскиот премиер Еди Рама, а потоа со лидерите од регионот, српската премиерка Ана Брнабиќ, македонскиот премиер Зоран Заев, црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ, косовскиот премиер Албин Курти и со Зоран Тегелтија, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина.

31 октомври – Локални избори во Македонија

Заврши процесот на гласање во вториот круг од локалните избори во Македонија, на кои право на глас имаа 1.353.990 гласачи во вкупно 2.481 избирачко место. Како резултат на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалници во 42 општини, СДСМ во 16, ДУИ во 11 итн.

12 декември – По оставката на Заев, Димитар Ковачевски нов лидер
на СДСМ и иден мандатар

По оставката на Зоран Заев од премиерското место и челната позиција во СДСМ, Димитар Ковачевски ја презеде лидерската функција од Заев во партијата и најави формирање нова влада во земјата како иден мандатар.

21 декември – Средба на иницијативата „Отворен Балкан“

Во Тирана, главниот град на Албанија, се одржаа средби што претставуваа продолжение на иницијативата „Отворен Балкан“, со учество на премиерот на Албанија, Еди Рама, премиерот на Македонија, Зоран Заев, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.


6 октомври – Средба ЕУ – Западен Балкан на Брдо кај Крањ

На Брдо кај Крањ се одржа неформален самит ЕУ – Западен Балкан на кој лидерите ја потврдија европската перспектива на регионот. Лидерите на ЕУ усвоија декларација со која се потврдува посветеноста на Унијата на процесот на проширување и се најавува интензивирање на заедничкиот ангажман, со цел севкупна трансформација на регионот. Во декларацијата не беа наведени рокови или датуми за продолжување на процесот на проширување. Беше наведено дека ЕУ и Западен Балкан споделуваат голем број безбедносни предизвици, кои бараат координирана акција.
Неформалниот самит беше централниот настан на словенечкото претседавање со Советот на ЕУ, а според неофицијални информации, Љубљана предложила од геополитички причини во документот да се наведе дека тие земји треба да се приклучат до 2030 година во ЕУ. Во исто време Хрватска, Австрија, Словенија и Германија предупредија дека предолгото чекање за влез во ЕУ може да го доведе регионот под големо влијание на други земји, пред се Русија и Кина. Франција, Холандија и Данска се резервирани во однос на процесот на приближување на Западен Балкан кон ЕУ.