Бројот на загинати во железничката несреќа во Грција се зголеми на 57 лица, според официјалниот брифинг од портпаролите на грчката полиција и грчката противпожарна служба, заклучно со 19.15 часот по локално време.
Портпаролката на грчката полиција Константина Димолиду објасни дека досега биле пријавени 56 лица за исчезнати, а се потврдени 57 загинати, односно еден повеќе од пријавените, а во болниците се хоспитализирани 48 патници, од кои шест се на одделите за интензивна нега, додека пак паралелно во тек е идентификација на жртвите.
-Досега во грчката полиција официјално се пријавени 56 патници како исчезнати. Се нагласува „досега“, бидејќи постои можност некој да бил во возот и да не бил пријавен за исчезнат од блиски или роднини. Засега потврдената бројка на мртви кои се извлечени е 57. Односно еден повеќе од пријавените во списокот – рече Димолиду.
Во однос на идентификација на жртвите, објасни дека се врши преку ДНК, земени се 55 примероци од телата, 52 примероци од роднини на патниците и 26 примероци од пронајдените делови од човечки тела.
-Досега се извршени 24 идентификација на тела од Управата за криминалистички истраги, 20 со ДНК анализа, две со ДНК и анализа на отпечаток од прст и две само со метод на анализа на отпечатоци. Иако процесот на ДНК вообичаено трае неколку дена, се прават напори тој да заврши до утре. Веќе е започнат процесот на информирање на најблиските на идентификуваните жртви – објасни портпаролката на грчката полиција.
Портпаролот на Противпожарната служба Василиос Ватракојанис информираше дека операцијата за пребарување на местото на железничката несреќа продолжува и во следните часови.