Членките на Европската унија бараат да се прекине ескалацијата и да се одржат нови избори на северот на Косово со учество на косовските Срби, најавувајќи финансиски и политички мерки доколку тоа не се случи, Во меѓувреме Приштина и Белград се повикани да ја докажат својата подготвеност за спроведување на обврските од дијалогот за нормализација на односите.
Мерките веќе ги подготвува Комитетот за политичка безбедност на ЕУ и тие зависат од тоа дали ќе се одржат изборите и дали ќе се изберат легитимни лидери на општините, изјави денеска високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, образложувајќи ги клучните заклучоци на странските министрите на земјите од Унијата.
Тој нагласи дека „членките на ЕУ изразуваат многу сериозна загриженост за ескалацијата на Косово“ и нагласи дека „Унијата ќе ја има предвид денешната одлука на Белград да ослободи тројца косовски полицајци“.
– Земјите од ЕУ, доколку е потребно, посочи Борел, „ќе применат мерки за зајакнување на лостот на влијание на Европската унија и ќе го поддржат дијалогот со цел нормализирање“ на односите меѓу Србија и Косово. Тој рече дека во наредните денови Брисел ќе ги продолжи контактите со двете страни.
Борел посочи дека „изборите во четири општини на северот на Косово мора да се организираат со безусловно учество на косовските Срби и двете страни мора да покажат волја за спроведување на обврските од дијалогот“ и додаде дека „европското однесување се очекува од идните ЕУ членови – пренесе „Бета“.
Високиот претставник на ЕУ предупреди дека е невозможно е општините на северот на Косово „секогаш да бидат по заштита на КФОР“.
Иако се чинеше дека односите меѓу Косово и Србија конечно се движат во вистинска насока, бидејќи на крајот на февруари тие прифатија договор за нормализација на односите врз основа на предлогот на Европската унија, поддржан од Вашингтон, а во април тие се договори за Анексот за негова имплементација, ситуацијата нагло се влоши во последните недели.
На крајот на мај, локалните Срби се спротивставија на градоначалниците етнички Албанци да стапат на должност по локалните избори во четири северни општини каде излезноста беше само 3,4 отсто, бидејќи Србите, кои го сочинуваат мнозинството во северно Косово, ги бојкотираа. Во судирите беа повредени околу 30 припадници на мировните сили (КФОР) и повеќе од 50 српски државјани.
Дополнителна ескалација на тензиите следеше две недели подоцна, во средината на јуни, кога српските сили уапсија тројца косовски полицајци, за кои тврдат дека влегле на српска територија, што Косово го негира, тврдејќи дека српската полиција ги киднапирала на територијата на Косово. Како реакција, косовската влада забрани влез на српска стока во Косово.