Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел изјави дека е постигнат договор за документите во дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Борел на Твитер објави дека Србија се согласила да ги укине документите за влез и излез на имателите на косовски документи, а дека Косово се согласило да не воведува такви документи за оние кои имаат српски лични карти.
– Имаме договор. Како дел од дијалогот со поддршка на ЕУ, Србија се согласи да ги укине документите за влез/излез за имателите на косовски лични документи, а Косово се согласи да не ги воведува за имателите на српски лични карти – нагласи Борел.
Тој додаде дека косовските Срби, како и сите други граѓани, ќе можат слободно да патуваат меѓу Косово и Србија користејќи ги нивните лични карти.
– ЕУ штотуку доби гаранции од премиерот Курти за таа цел. Ова е европско решение. Им честитаме на двајцата лидери за оваа одлука и за нивното раководство – напиша Борел.
Во денешното обраќање српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во фиока чува „седум документи за повлекување на признавањето на Косово“.