Запирањето или замрзнувањето на проширувањето на ЕУ со Западен Балкан може да му наштети на проектот на ЕУ во време кога трае воениот конфликт меѓу Русија и Украина, предупредуваат експертите
Западен Балкан како нова можност на чешката надворешна политика
Во светлината на војната во Украина, Западен Балкан станува уште една точка на триење во поделениот свет. Но регионот на Западен Балкан е уште повеќе можност за чешката надворешна политика, која се изгуби во последниве години под празниот „менаџерски стил“ на владата на Андреј Бабиш. Меѓутоа, чешкото претседателство со ЕУ започнува во јули и Чешка ќе има можност да биде повидлива во обликувањето на европската агенда за земјите од балканскиот простор. Европската Унија веќе е стратегиски приврзана кон регионот. Неуспехот и неефикасноста на јавните институции во регионот ги поткопува и институциите на ЕУ, кои се засноваат на поделба на власта и демократско учество во нивното управување како модел за функционирање на европската заедница. Запирањето или замрзнувањето на проширувањето на ЕУ со Западен Балкан може да му наштети на проектот на ЕУ во време кога трае воениот конфликт меѓу Русија и Украина. Од друга страна, и реизборот на украинскиот премиер Орбан може да влијае „деструктивно“ на заедничката европска идеја, се заклучува во анализата на „Вишеград инсајт“.
За Западен Балкан за иднината, експертите наведуваат пет можни сценарија за идните случувања во регионот. Иако овие сценарија се разликуваат едно од друго, сите тие одговараат на политичката, социјалната, културната и економската реалност, беше заклучено на неодамнешната заедничка работилница на која учествуваа четириесет аналитичари, уредници и други експерти.
Членството во ЕУ, без разлика дали е далечно или остварливо, поминува низ сите сценарија. Во исто време, не може да се одвои од клучните ризици како што се влијанието на Пекинг и на Кремљ. Во променливата геополитичка реалност, Западен Балкан лесно станува уште една точка на триење во светот поделен на два клучни табора. Од една страна, постои делот што бара споделување на моќта и демократско учество во управувањето; од друга страна, делот каде што ја централизира моќта во тесен владејачки круг, засилени со државно спонзорирана идеологија од Кина и од Русија.
Земјите од глобалниот југ се посебна група. Во таков поларизиран свет, а покрај ризиците од глобалното затоплување, овие земји се во опасност да бидат заборавени од меѓународната заедница или нивните политички лидери и национални проекти.
Во анализата на „Вишеград инсајт“ се потсетува на улогата на Чешката Република, која ја имаше на Западен Балкан преку мисиите на чешката армија. Исто така се потсетува и на периодот на модерната историја во заедничка држава со денешна Босна, Хрватска и Словенија.
Отворањето на пристапните преговори за пристапување на Украина во ЕУ се чини главното прашање по посетата на Урсула фон дер Лејен. Оттука, изгледите за членство во ЕУ сѐ уште се клучно политичко прашање и за земјите од регионот на Западен Балкан. Неоспорно е дека жителите на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија се соочени со судбина да бидат во чекалницата за официјализирање на нивниот европски статус.
Подготвил: Митко Јовановски