Албанија

Албанската влада објави дека ангажира американска компанија за подобрување на сајбер-безбедноста во земјата, по големото протекување податоци. Албанскиот премиер Еди Рама рече дека Владата потпишала меморандум за разбирање „за зајакнување на безбедноста на дигиталните системи“ со „Џонс груп интернешнел“. Компанијата, со седиште во американската сојузна држава Вирџинија, ја води пензионираниот генерал Џејмс Џонс, поранешен советник на американскиот претседател за национална безбедност и поранешен врховен командант на сојузничките сили во Европа.
Владата во Тирана наведува дека американската компанија прво треба „целосно да ги скенира“ албанските системи за да провери како тие се изложени на напади од земјата и од странство. Потоа треба да смисли стратегија за инсталирање повеќеслојни системи за заштита, за да се спречат сајбер-напади во земјата каде што повеќе од 90 проценти од услугите на јавната администрација се достапни онлајн. Во декември, од владината база на податоци за вработените во јавниот и приватниот сектор протекоа лични податоци на околу 690.000 луѓе, вклучувајќи и матични броеви и податоци за вработување и плати. Податоците масовно се споделуваа преку апликации за пораки. Уште едно протекување од државната база на податоци дојде пред парламентарните избори во Албанија во април минатата година.

Подготви: Дејан Србиновски