Сериозни обвинувања во годишниот извештај на американскиот Стејт департмент
Албанија е земја на канабис и локална база за организираните криминални групи што пренесуваат дроги од нивните земји на потекло до европските пазари. Ова е оцената во годишниот извештај на американскиот Стејт департмент за меѓународната стратегија за контрола на трговијата со наркотици.
Според извештајот, на кој се повикуваат албанските медиуми, канабисот произведен во Албанија се „транспортира во Турција и се разменува за хероин и кокаин, кои се шверцуваат низ Европа од албански наркодилери“, за кои се проценува дека „играат голема улога во меѓународните мрежи за трговија со наркотици и организиран криминал“.
Исто така, Албанија се смета за „клучен елемент на балканската маршрута на трговија со дрога во Западна Европа и Обединетото Кралство“, додека се забележува дека албанските организирани криминални групи се присутни во САД, Велика Британија и во цела Европа, како и во Јужна Америка, вклучувајќи ги Еквадор, Колумбија и Перу.
Се проценува дека албанските наркогрупи го прошириле своето присуство во целиот синџир на трговија, од купување, транспорт, дистрибуција, до продажниот синџир во Европа, Обединетото Кралство и САД.
Албанските власти забележале зголемување на заплените на кокаин во пристаништето Драч во 2021 година, главно во пратки со банани од Еквадор, а албанските сили за спроведување на законот учествувале во неколку операции за спроведување на законот во многу земји во 2021 година, во кои се уапсени и албански граѓани, меѓу другите, во Грција, Италија, Шпанија и Холандија – се наведува во извештајот.
Во извештајот се споменува и соработката со американските колеги за апсење и заплена на пратки на наркотици и лаборатории за преработка на дрога во Албанија, или заплена на средства во Албанија, поврзани со меѓународна трговија со дрога.
Се проценува дека Специјалното обвинителство против корупцијата и организираниот криминал (СПАК) „регистрирало одредени успеси во 2021 година, вклучувајќи и апсење на 38 лица, меѓу кои и обвинител и неколку високи полициски службеници, како дел од големата меѓународна истрага за трговија со наркотици“.
Релативно слабото владеење на правото, корупцијата и високата невработеност се главните двигатели на феноменот на дрога во Албанија. Насилниот криминал во Албанија често е поврзан со организираниот криминал и често судии, обвинители, полицијата и новинарите се предмет на закани – стои во извештајот.
Во извештајот се забележува дека „албанските организирани криминални групи продолжуваат да перат пари во Албанија и придонесуваат за корупција во земјата“.
Албанија мора да продолжи со напорите за реформи во правосудството, да ги зајакне регулативите и надзорот против перењето пари и да работи на елиминирање на влијанието на организираниот криминал врз власта и општеството – се заклучува во извештајот.