Истрели на калашников се слушаат во ноќта, северно од мостот што ги разделуваа двете огорчени заедници што живеат во кревок мир на Косово, 22 години по војната, пишува „Форин полиси“ во репортажата од Косовска Митровица по повод спроведувањето на одлуката на косовските власти за регистарските таблички, за која се стравува дека може да доведе до нови тензии.
На пунктот на косовската полиција на администативниот премин со Србија на сите возачи кои имаат српски регистарски таблички со ознаки „КМ“, од полноќ им се врачуваат укори или опомени за потребата за пререгистрација.
Од денеска, во наредните три недели, до 21 ноември, на возилата кои ќе се затекнат низ косовските патишта со српски таблички ќе им се изрекува „укор“. По овој датум, до 21 јануари 2023, ќе се изрекуваат парични казни, додека од 21 јануари до 21 април ќе им се издаваат пробни таблички.
Ситуацијата со регистарските таблички на прв поглед делува како безопасен процес, но очигледно е дека има конкретно значење. Идентитетот е значаен, и тоа не само на Косово. Во Израел и Палестина, Израелците и Палестинците поседуваат различни регистарски таблички кои го ограничуваат движењето и доведуваат до поголемо внимание на контролните пунктови за Палестинците.
– Ако ги загубиме регистарските таблички, тука веќе ја нема Србија. Ние ќе го загубиме нашиот идентитет – вели локалниот жител Дамјан Петровиќ.
Во времето на пишување на репортажата, само 13 возила имале сменети регистарски таблички, со што нивните сопственици ја платиле цената за таквата одлука, бидејќи на тројца од нив им биле запалени имотите, а на други, возилата, тврди „Форин полиси“.
– Фактот што спорот поради официјалната документација предизвика такви тензии, претставува доказ за осетливоста на ситуацијата – смета поранешниот косовски министер за надворешни работи Петрит Селими.
Главните поддржувачи на Косово, САД и Европската Унија, јавно побараа од Курти одложување на прописот за барем 10 месеци, за да се избегнат етничките тензии. Вчера заврши рокот од 60 дена за набавување на нови регистарски таблички за Србите даден од страна на косовските власти. Разочарување од одлуката на косовскиот премиер Албин Курти за воведување на прописот изрази и официјален Вашингтон, чиј посредник во преговорите меѓу Косово и Србија, Габриел Ескобар побара одлагање на спроведувањето на промената на табличките.
Во август избија етнички тензии во Косово, токму поради одлуката за менување на регистарските таблички, кога Србите во северно Косово поставија блокади во знак на протест. Косовските власти со години се обидуваат да ги принудат тамошните Срби да почнат со користење на косовски регистарски таблички, во обид за наметнување на авторитет. Локалните Срби, пак, не ги признаваат косовските институции и сакаат да ја оформат Заедницата на српски општини што би им овозможила поголема автономија.