Косово е првата земја во Европа по бројот на граѓани што им се приклучиле на терористичките организации во Сирија и во Ирак. Но куриозитет е постоењето на една целосно албанска воена формација во Сирија, со Албанци од регионов, позната како Џемат ал Албан, а со неа командува Абдул Јашари, Албанец од Македонија
Албанците од регионов со организирана воена формација во Сирија
Останувајќи во сириски град што сè уште не е под контрола на режимот на Башар ал Асад, Албанците од Балканот во Сирија формираа свој „воен одред“. Ова го пишува косовскиот портал „Репортери“, кој се повикува на инсајдерски информации, објавувајќи нови детали за оваа група и за нивниот водач Абдул Јашари, кој повеќе од половина деценија се наоѓа на црната листа на барани терористи на САД, но пред неколку дена објави предавање за војната во Украина.
Групата е предводена од Абдул Јашари, Албанец од Македонија (роден во 1976 г.), а позната е како Џемат ал Албан и отворено продолжува да ја промовира својата битка за обновување на Исламскиот калифат, лансиран од терористичката организација Исламска држава (ИСИС). Се проценува дека повеќе од 300 граѓани од Косово ѝ се приклучиле на терористичката организација Џемат ал Албан, која е поврзан со Џебхат ал Нусра, крило одвоено од ИСИС, кое сега продолжува да дејствува како Тахрир ал Шам (ХТС).
Абдул Јашари, познат и како Абу Катада ал Албани, кој ја предводи Џемат ал Албан, се смета за близок советник на Абу Мухамед ал Јулани, главниот командант на сириската милитантна група Тахрир ал Шам.
На 10 ноември 2016 година, американското министерство за финансии го идентификува Јашари како терорист и изјави дека помогнал да се соберат средства за семејствата на борците на фронтот Џебхат ал Нусра.
Во текот на летото 2015 година, Јашари ги предводеше воените операции на фронтот Џебхат ал Нусра во северна Сирија. Тој многу години собираше воено искуство во редовите на џихадистите и продолжува да го одржува. Иако САД го бараат повеќе од половина деценија, тој сѐ уште е активен во Сирија. Неговата последна комуникација со јавноста беше предавањето за војната во Украина, кое стана јавно на почетокот на април.
Иако ги откриваат тактиките, оружјето и локациите на кои тренираат, групата Џемати ал Албан и промоторите на новиот бренд „Албаниан тактикал“ се грижат на нивните видеа и фотографии секогаш да се појавуваат со маски.
Се проценува дека Косово е првата земја во Европа по бројот на граѓани што им се приклучиле на терористичките организации во Сирија и во Ирак. Од почетокот на конфликтот во Ирак и во Сирија, Косово кривично гони десетици граѓани. Повеќето од осудените за учество во терористички организации во ирачко-сирискиот конфликт веќе ја отслужија казната, а само неколку останаа во затвор.