Директните економски последици од коронавирусот се чувствуваат во земјите од Западен Балкан, кои не располагаат со механизми за справување за кризата како во развиените држави. Поради сето тоа, неопходен е поактивен однос на сите земји од регионот, кој би се состоел во единствено и координирано дејствување во насока на поставувањето на барањата до Европската Унија и другите меѓународни финансиски институции за одобрување поволен финансиски пакет
Затворени угостителски објекти, празни трговски центри, откажани нарачки и пад на вредноста на акциите на берзите, ова се првите директни последици што се чувствуваат во земјите од Западен Балкан, по проширување на заразата од коронавирусот што се пренесе од жариштето на Италија, која е земја-членка на Европската Унија. Врвот на корона-кризата се очекува во наредните недели, а последиците од неа може да се одразат со преполовување на економскиот раст на националните економии.
Конечните последици се несогледливи, а германскиот економски експерт Габриел Фелбермајер, претседател на германскиот Институт за светска економија, очекува пандемијата на коронавирусот да предизвика рецесија, која ја нарече „мајка на сите рецесии“. Дополнителен проблем претставува и тоа што здравствената криза се одразува и на економиите во Германија и Италија, кои се и меѓу најголемите трговски партнери на земјите од регионот. Само во последната недела во Србија се вратиле околу 40.000 работници од европските земји, што ќе се одрази и на намалување на девизните дознаки и на платно-билансните сметки, што ќе предизвика и тешкотии во извршувањето на тековните активности на повеќе сектори, како што се образованието, здравството, социјалата, економијата.
Поради сето тоа, неопходен е поактивен однос на сите земји од регионот, кој би се состоел во единствено и координирано дејствување во насока на поставувањето на барањата до Европската Унија и другите меѓународни финансиски институции за одобрување поволен финансиски пакет, кој би се искористил за пребродување на овој економски јаз и побрзо заздравување на приватните компании, од малиот и средниот бизнис, кои се и најизложени на негативните последици од коронавирусот.
Хрватскиот туристички сектор беше прв што ги почувствува негативните последици од епидемијата на коронавирус во Кина.
Кинеските туристи масовно ги откажуваа патувањата во Хрватска од почетокот на февруари годинава. Исто така откажани се и многу резервации за годинашната туристичка сезона. Штетите се проценуваат во неколку милиони евра. Порталот „Пословни.хр“. објави податоци од даночната управа за намалување на прометот во туристичко-угостителската дејност за една петтина во однос на истиот период лани. Заради справување со последиците, хрватската влада донесе пакет од 63 мерки, кои, според процените на министерот за финансии, изнесуваат околу 30 милијарди куни.
– Работев во кафуле и чекав да почне летната сезона, но вчера добив отказ. Потпишав договор со работодавецот како технолошки вишок. Ова е единствен начин да се оствари надомест од 60 отсто од просечната плата во наредните три месеци.
Работодавецот не го чини ништо – вели едно 20-годишно момче за „Јутарњи лист“.
Според Милојко Арсиќ, професор на Економскиот факултет во Белград, пандемијата на коронавирусот српската економија ќе ја чини околу 900 милиони евра доколку здравствената криза заврши до јуни. Штетата ќе биде двапати поголема ако кризата се оддолжи до крајот на годината.
– Според оптимистичкото сценарио, растот на националниот БДП ќе се преполови, односно ќе падне од 4 на 2 отсто. Очекувам зголемување на фискалниот дефицит поради растот на трошоците за здравството и безбедносните служби, поради примената на мерките за намалување на ризикот од епидемија. Доколку епидемијата потрае, можно е годинава да нема економски раст, а економијата на Србија би влегла во рецесија, а фискалниот дефицит би бил над три отсто од БДП – вели Арсиќ за порталот „Нова.рс“.
Македонскиот професор Бранимир Јовановиќ за ефектите на коронавирусот врз нашата економија ги пренесува податоците од страна на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, инаку специјализиран за регионот на Источна Европа. Тие прогнозираат дека растот на нашиот БДП за 2020 година со коронавирусот ќе биде 1,7 отсто наместо претходно очекуваните 3,3 отсто. Тоа значи дека штетите од вирусот се проценуваат на 1,6 отсто од БДП, односно околу 180 милиони евра. Наспроти ова, претседателот на државата Стево Пендаровски, како предвесник на потезите на македонската влада, излезе со неповолни прогнози за штетите, и ја најави потребата од ново надворешно задолжување на државата од 500 до 700 милиони евра!
Засега нема реални процени за штетата што ќе ја претрпат земјите од Западен Балкан. Но важен факт на кој укажува Бранко Урошевиќ, професор на Економскиот факултет во Белград, е дека Србија (па и другите балкански држави) не располага со механизми што ги имаат силните економии, како и да се користат фискалните и монетарните политики, за справување со економските последици од корона-кризата. Владите на балканските земји ги донесоа првите интервентни мерки за најзагрозените сектори, но очигледно тоа ќе биде недоволно, што ја наметнува и потребата од поголема европска солидарност во одобрувањето финансиска помош за земјите од Западен Балкан.