Болката за загубените животи носи одговорност да преземеме дејства за никогаш повеќе да не доживееме таква трагедија, изјави грчкиот премиер Алекс Ципрас по завршувањето на состанокот со надлежните министри, по повод катастрофалните пожари од 23 јули и објави пакет од 20 итни мерки за справување со нелегалната урбанизација и дивоградбите.
– Неконтролираното градење што е закана за човечките животи не може повеќе да се толерира. Сė што уништува шуми и плажи, што претставува опасност за човечкиот живот ќе биде уништено. Тоа е наша должност кон мртвите. Но, уште повеќе е нашиот долг кон следните генерации – наведе грчкиот премиер.
Ципрас истакна дека намерата на Владата е јасна, да се изградат одново погодените населби, но законски, со почитување на животната средина и животот на жителите и додаде дека „никој и ништо нема да се заборави“.
– Моето ветување уште од првиот ден од оваа трагедија беше дека ќе се истражат сите аспекти преку транспарентни процеси и од транспарентни експерти – посочи Ципрас.
На состанокот што го водеше Ципрас учествуваа министерот и алтернативниот министер за животна средина и енергија, министерот за инфраструктура, префектот на областа Атика, и претставници на локалната администрација.