На последните избори станува појасно дека третата политичка опција во Хрватска добива сѐ повеќе гласови
Двете најголеми хрватски партии ХДЗ и СДП, на последните европски избори освоија најмалку гласови во изминатите 20 години. ХДЗ на минатонеделните избори за пратеници во Европскиот парламент освои 244.075 гласа, а за опозицискиот СДП гласале 200.974 граѓани. Нивното заедничко учество во вкупниот број излезени гласачи изнесува 41,43 отсто. Но од вкупниот број запишани гласачи во Хрватска за ХДЗ и СДП гласале околу 12 отсто граѓани.
На последните избори станува евидентно дека третата политичка опција во Хрватска добива сѐ повеќе гласови, иако е јасно дека идната власт нема да се формира без да учествува една од двете најголеми партии во земјата. Постојат две причини за ваквиот тренд, пишува „Слободна Далмација“. ХДЗ и СДП подолго време имаат конкуренција во сѐ посилните политички опции кои се рефлектираат преку Суверенистите, Амстердамската коалиција, Жив ѕид, Мост и во одредени поединци, како што се Маријана Петир, Мислав Колакушиќ… Сите тие имаат освоено 44,51 отсто од гласовите на европските избори. Како втора причина се наведува сѐ поголемото разочарување на хрватските граѓани во актуелната владејачка коалиција предводена од ХДЗ.
Роберт Копал, главниот аналитичар и советник на премиерот Андреј Пленковиќ, за освојувањето на четирите мандати во Европскиот парламент (очекувањата беа шест мандати) рече дека тоа се должи на дисперзијата на гласовите на повеќе фронтови, а тоа го објасни со феноменот на „црниот лебед“. Овој израз се користи во економијата, финансиите и во политиката за појави кои се атипични, кои предизвикуваат големи последици, но кои всушност можеле и да се предвидат претходно.
Како изненадување се смета резултатот на опозициската СДП, која освои 18,7 отсто од гласовите и која доби четири пратенички места во ЕП. Нивниот лидер Давор Бернардиќ, претходните години се соочуваше со големи внатрепартиски превирања, но успеа да состави подобра листа на кандидати за европските избори, меѓу кои се и неговите најголеми критичари за начинот на водење на партијата. ХДЗ и СДП со вакви резултати се движат во насока на создавање на голема коалиција, што е уште еден феномен во Хрватска, пишува во анализата на „Индекс“.
Најголемо изненадување на последните избори е резултатот на коалицијата Хрватски суверенисти, кои се наметнаа како најпопуларна групација на крајната десница и кои имаат двајца пратеници во ЕП. Најпопуларна политичарка од хрватската десница е Ружа Томашиќ, која доби најмногу преференцијални гласови.
Еден мандат освои Мислав Колакушиќ, поранешен судија, со неговата Независна листа. Домашните медиуми за него пишуваат дека е хрватскиот Трамп, кој во кампањата испраќал пораки прифатливи за најголемиот дел од граѓаните, за владеење на „цврста рака“. Анализите покажуваат дека тој ги има освоено гласовите во делови од земјата каде што претходно суверено владеела ХДЗ, а тоа се патриотски ориентираните гласачи кои се залагаат за спречување на криминалот, а кои и не се за доследно почитување на процедурата за воведување ред и правда во земјата.
На европските избори во Хрватска се соочија старите сили, односно претставниците на препознатливиот хрватски партиски естаблишмент и новите сили кои сакаат да го урнат овој систем и кои сакаат да воведат нови политички односи во земјата.
„Старите“ сили, според оваа поделба на некои аналитичари од десницата, се ХДЗ, СДП, Амстердамската коалиција, градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, ХНС, дел од Хрватски суверенисти, додека „новите“ сили ги сочинуваат Мислав Колакушиќ, Независните за Хрватска, Жив ѕид и други помали политички групации и движења.
Во првичните анализи за слабите изборни резултати од ХДЗ, меѓу повеќето причини се споменува и однесувањето на Католичката црква. Новоименуваниот советник на Пленковиќ, Владимир Шекс, како главни противници на партијата ги спомена црквата и синдикатите, преку нивната иницијатива за одржување референдум против пензионирањето на 67 години.