Европскиот комесар за проширување и соседска политика Јоханес Хан денеска во Белград изјави дека е познато оти Косово е „отворено прашање“, но тоа не е „се и сешто“ за напредокот на Србија на европскиот пат.
– Има уште многу други прашања, нагласи Хан на заедничка прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ од своја страна истакна дека со Хан разговорале за односите на Белград и Приштина, за ситуацијата во регионот и за работите што Србија мора да ги поправи во областите на владеењето на правото.
– Верувам во значителен напредок (на полето на владеењето на правото) до следниот извештај на Европската комисија, рече Вучиќ.
Говорејќи во врска со дијалогот со Приштина, Вучиќ истакна дека е од суштинско значење за него да го зачува мирот и дека е подобро да се преговара десет години отколку да се има еден час војна.
Вучиќ изјави дека е јасно оти не е во лесна состојба кога станува збор за Косово и дека не сакаат сите компромис, со оглед на изразените ставови.
– Можеби е за некого фраза, но за мене не е, туку е од суштинско значење, да го зачуваме мирот во односите со Приштина, да разговараме ако е потребно трипати на ден, за да го зачуваме секој живот, рече Вучиќ.
Тој го поздрави потпишувањето на договор за спроведување на акцискиот ИПА фонд за Србија во висина од 41,18 милиони евра, додавајќи дека ЕУ е најголем и најзначаен донатор на Србија.
Вучиќ потсети дека вкупната помош на ЕУ за Србија оваа година изнесува 138 милиони евра, изразувајќи надеж дека таа ќе биде уште поголема во наредниот период.
– Најважно е дека со начинот на искористувањето (на средствата) – за реновирање на училиштата и болниците и за обнова од поплавите, за јавноста стана јасно видливо дека ЕУ е најважниот и најголем донатор на Србија, рече Вучиќ.
Хан во рамки на посетата на Белград ќе оствари средби и со премиерката Ана Брнабиќ и министерката за евроитеграции Јадранка Јоксимовиќ.