Стручната јавност и опозицијата во Градското собрание најмногу забележуваат за незаконската процедура при измена и дополнување на генералниот план за Загрепскиот Менхетн
Хрватските архитекти предупредуваат дека урбанистичкиот план за изградба на Загрепскиот Менхетн е нестручен и е донесен на работ на законот. Актуелниот градоначалник Милан Бандиќ не отстапува од својата идеја, изменетиот генерален урбанистички план за изградба на станбено-деловен комплекс на местото на некогашниот хиподром повторно да го стави на гласање пред градскиот совет.
Проектот, кој е именуван како Загрепски Менхетн, Загреб сити или Град во град, може да стане најголемиот потфат во долгогодишната градоначалничка кариера на Бандиќ. Неговата реализација би чинела околу пет милијарди евра со што во целост ќе се измени визурата на Новиот Загреб. Новиот комплекс би се простирал на површина од милион квадратни метри, на која се наоѓаат објектите на Загрепскиот саем и Хиподромот, пишува „Јутарњи лист“.
Првиот проблем, како што напоменуваат градските урбанисти, е што со измената на ГУП се менува и категоризацијата на земјиштето на просторот на сегашниот Хиподром, од рекреативна во мешовита намена. Стручната јавност и опозицијата во Градското собрание најмногу забележуваат за незаконската процедура при измена и дополнување на генералниот план. Се забележува и за нетранспарентноста околу спроведувањето на проектот Загрепски Менхетн, како и за неговата намена, кој првенствено е наменет за задоволување на економските интереси на инвеститорите, а се занемарени потребите на граѓаните.
– Добра вест е што ГУП е повлечен. Можеме да разгледаме на стручно ниво какви промени се предвидуваат на овој простор – изјави Иван Крижиќ, од Друштвото на архитектите на Загреб.
Резерви во однос на спроведување на овој проект имаат и во партијата ХДЗ, која го сочинува мнозинството во градското собрание заедно со партијата на Милан Бандиќ. Претседателот на Градското собрание, Драго Пргомет, изјави дека советниците на ХДЗ не сакаат на овој простор да се гради деловно-станбен комплекс.
– ХДЗ ќе бара да има содржини што им се потребни на граѓаните на средноевропските метрополи. Не сакаме овде да се градат ни Њујорк ни Белград на Сава – нагласи Пргомет.
Тој посочи на потребата од референдум на кој жителите на Загреб ќе се изјаснат дали се за реализација на овој проект на Бандиќ.
Министерството за градежништво и просторно уредување во вторникот одби да даде согласност за конечниот предлог за измена и дополнување на ГУП за градот Загреб. Градоначалникот ја повлече оваа точка од седница на Градското собрание. Од ресорното министерство наведуваат дека измените на урбанистичкиот план не се усогласени со просторниот план на повисоко ниво.