Повторно провокации во Медитеранот

Турција му издаде нова навигациска информација за сеизмички истражувања на бродот „Оруч Рејс“ во источниот Медитеран од вчера до 22 октомври. Како што пренесува „Ројтерс“, повикувајќи се на информации од грчките медиуми, новата турска маршрута опфаќа дел од грчкиот континентален гребен, јужно од островите Родос и Кастеоризо, односно речиси во истиот дел како и навигациските информации издадени во август за истиот брод. Медиумите во Грција коментираат дека овој потег на Турција претставува нова провокација и ескалација и ги минира закажаните прелиминарни контакти меѓу двете земји.

Од грчкото МНР на 22 септември соопштија дека Грција и Турција се договориле наскоро да го одржат во Истанбул 61-от круг од прелиминарните контакти. Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, во четвртокот се сретна со својот турски колега Чавушоглу, а завчера рече дека датумот за прелиминарните контакти треба да го одреди Турција, бидејќи е домаќин на средбата.

Последен пат прелиминарни разговори меѓу Анкара и Атина беа одржани во 2016 година.
Неделава последната нова одлука за враќање на турскиот брод за истражување нови извори на енергија наиде на критики од страна на властите во САД, кои сметаат дека тензиите ќе се зголемуваат помеѓу соседните држави. Властите во САД предупредија и дека разговорите помеѓу Анкара и Атина би можеле да се комплицираат доколку Турција не ги прекине истражувањата.