Поради намалените приходи од туризмот и од дознаките од иселениците, сите земји во регионот се соочија со тешкотии за покривање на државните расходи, а минусот на девизната сметка се покриваше со нови задолжувања во странство
Секторот туризам и девизните дознаки од странство се главни стабилизирачки фактори за „урамнотежен“ платен биланс на земјите од Западен Балкан и за другите земји од регионот. Нивното влијание врз тековната сметка се почувствува за време на пандемијата, кога поради намалените приходи од туризмот и од дознаките од иселениците, сите земји се соочија со тешкотии за покривање на државните расходи, а минусот на девизната сметка се покриваше со нови задолжувања во странство. По минатогодишната неуспешна сезона поради пандемијата на ковид-19, Хрватска и Црна Гора годинава повторно бележат високи приходи од туристичкиот сектор, а според сегашните процени, тие ќе бидат на ниво од 80-90 отсто од прометот пред појавата на коронавирусот. Зголемен туристички промет бележат и другите земји од регионот, па дури и континенталната Србија, која стана препознатлива по развојот на домашниот туризам.
Хрватска, според податоците на Хрватската народна банка, во 2019 година од патувања и туризам остварила приход од 10,5 милијарди евра. Ланската година поради ковидот заработи скромни 4,8 милијарди евра. Споредбено, учеството на туризмот во националниот бруто-домашен производ во Хрватска изнесувал 19,4 отсто во 2019 година или 9,8 отсто за ланската година. Истиот тренд се забележува и во приливот на девизните дознаки. Хрватските иселеници донеле 3,5 милијарди евра во 2019 година, што е 6,6 отсто од БДП. Минатата година биле нешто пониски, но економистите нагласуваат дека половина од приходите иселениците ги внесуваат по приватни канали, надвор од регуларниот платен промет.
Во Црна Гора зависноста од туризмот е поголема. Во 2019 година оваа држава остварила девизен приход од 1,1 милијарда евра, што претставува 22,2 отсто од БДП. Минатата година во туристичкиот сектор биле остварени 144,5 милиони евра, или учество од 3,4 отсто во годишниот национален производ. Поголемата социјална криза беше спречена поради зголемување на девизните дознаки од иселениците во 2020 година, кои достигнале ниво од 564 милиони евра, што претставува 13,5 отсто од БДП. Во 2019 година иселениците испратиле во татковината 540 милиони евра (11,3 отсто од БДП).
– Зависноста од пооделните земји од регионот од туризмот е резултат на наследената инерција во развојот, а не резултат на системски план за економски развој на услужниот сектор. Креаторите на економската политика премногу очекуваат од туризмот. Ова подразбира дека економијата е неотпорна на разни видови екстерни шокови, што се покажа и со пандемијата. Но развојот на овој сектор не е работа на избор, туку на нужност. Тоа е единствената дејност во која можеме значајно да конкурираме и да остваруваме за нас значајни платнобилансни резултати, а притоа тие приливи да се искористат и во развој на други домашни дејности, како што е земјоделското производство. Суштината на развојот не е во диверзификација на производството, односно во создавање БДП, сам по себе, туку во диверзификација на одржливо и конкурентно производство. Концепцијата на компаратривната предност е одамна заменета со концепцијата на конкурентска предност. Не е важно каде конкурираш, туку како тоа го правиш и какви резултати остваруваш – вели Василиј Костиќ, економски аналитичар и професор на Факултетот за менаџмент од Херцег Нови, во разговор за „Ал џезира“.
Економските експерти во Хрватска предупредуваат дека не треба многу да се потпираат на искажувањето на податоците за остварен рекорден физички туристички промет, како што се бројот на ноќевања и бројот на туристи. Годинава во Хрватска има 70 отсто од приливот на патници и 86 отсто од бројот на ноќевањата во однос на годината пред пандемијата.
– Ние сме земја со слаби економски активности во други сектори и сме во значителна зависност од туристичкиот промет. Потребна ни е стратегија за одржливоста на туризмот, еколошки, инфраструктурно и социјално – вели Санда Чорак, научен советник во загрепскиот институт за туризам, во разговор за „Дојче веле“.
Александра Куратко Пани, раководителка на Здружението за рурален туризам на Хрватска, смета дека иднината на хрватскиот туризам се темели на квалитетот, а не на квантитетот, што е единствената формула за успех.
Туризмот во Србија во 2019 година донел заработка од 1,4 милијарда евра и учество од 3,1 отсто во БДП, додека во пандемиската година е регистриран пад на приходите за една четвртина или учество во БДП од 2,1 отсто. Порастот на туристичкиот промет се должи и на поголемиот број ноќевања на домашните туристи во српските одморалишта и бањи за време на карантинот што беше воведен поради пандемијата. Паралелно со ова е забележан и раст на личните трансфери од странство, кој за периодот јануари-јуни 2021 година е зголемен за 24,3 отсто, во однос на истиот период лани.
Секторот за туризам во Босна и Херцеговина во претпандемискиот период учествуваше со 2,7 отсто од БДП, со остварен приход од 600 милиони евра на годишно ниво. Според учеството на дознаките во БДП, Босна и Херцеговина е меѓу земјите со најголеми девизни приливи од иселениците. Тие во вкупниот национален производ учествуваат со 8,4 отсто, а во 2019 година паднале на 1,5 милијарда евра.