Косовскиот претседател Хашим Тачи смета дека Косово забележало виден напредок во градењето на добри меѓуетнички односи меѓу сите заедници на Косово, но дека „загрижуваат и оние малубројни етнички мотивирани инциденти“, кои се случија последниве денови, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Тачи на својот официјален профил на Фејсбук вчера напиша дека „толеранцијата била, е и ќе остане доблест на косовското општество“ и порача дека така треба да биде и во деновите кога своите празници ги слават заедниците во Косово во текот на овој месец.
– Вознемирувачки се оние малубројни меѓуетнички инциденти кои се забележаа последниве денови. На таквото однесување треба веднаш да му застанеме на пат и да не дозволиме да стане прифатливо за нашето општество. Во месец јуни сите заедници во Косово слават и одбележуваат свои денови и датуми. Ова треба да се почитува од секого и да се осуди секој обид за попречување на нивното одбележување- порача Тачи.
Тој побара од надлежните иституции за ред и безбедност да посветат поголемо внимание и да ги преземат сите мерки за спречување на било каков инцидент при овие манифестации.